Дали Кацарска го оспорува изборот на Дамева, Уставниот суд смета дека претседателот на Судски совет треба да се избира и од редот на судиите

Уставниот суд го укина член 8 став 3 во делот од Законот за судски совет каде е наведено „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија”. Целосната одредба гласи дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Со ова практично беше забрането претседателот на Судски совет да се избира од осумтемина судии, членови на Судскиот совет.

Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени. Судскиот совет има 13 членови со право на глас, додека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција. Сега, по одлуката на Уставниот суд, претседател на Судски совет може да биде кој било од 13-те членови, а не како до сега изборот да се ограничи на само петтемина кои се избрани во парламентот и кои не се судии по функција, туку се правници.

Последен избор за претседател на Судскиот совет беше направен во декември, минатата година, кога на местото на Павлина Црвенковска, која поднесе оставка, беше избрана Весна Дамева, која за член на советот е избрана по предлог на претседателот Стево Пендаровски.

Нејзиниот избор беше проследен со многу медиумски написи кои негодуваа како тоа административец од судот станува претседател на највисокото судско тело. Уште на самиот старт се оспоруваше изборот на Дамева, но тогаш законот налагаше дека таа и уште тројца други го исполнуваат условот за таа позиција. Ако Уставен суд ја имаше донесено денешната одлука пред три месеци тогаш постоеа реални шанси да се спречи изборот на Дамева, а да биде избран претседател од редовите на судиите.

Сега, три месеци по нејзиниот избор, одлуката на Уставен суд доаѓа како своевидно оспорување на легитимитетот на Дамева, затоа што таа сепак работела како судски административец, а никогаш како судија. Од една страна ставот на Уставен суд може да се толкува како своевидно оспорување на претседателската функција на Дамева, но од друга, ова отвора можност Дамева да биде разрешена од своите колеги на седница на Судскиот совет.

Имено, откако Уставен денеска потврди дека претседател на Судскиот совет може да биде секој од членовите, судиите во советот, кои се осумина на број, во секое време може да изгласаат разрешување на Дамева и да си изберат претседател од редовите на судиите. Ним би им се придружиле и дел од членовите избрани во парлементот со кого Дамева има заострени односи и не ја ужива нивната поддршка.


Како и да е, следува неизвесен период за Дамева и за Судскиот совет во целина, дали тој ќе дозволи и понатаму да ги води член што не е судија, или сепак бројноста на судиите ќе превагне?

Инаку предметот за овој дел од Законот за судски совет е оформен уште во 2020 година во Уставниот суд, па дури беше и два пати симнуван од дневен ред. Што е она што ја натера Кацарска и уставните судии токму сега да го отворат ова прашање?

Р. Р.

Треба да знаете
Moже да ве интересира