Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“: Тезата дека нема потреба од брзање е погрешна и многу опасна за Северна Македнија

Проблемот е што некој, заради личен политички профит и лична политичка агенда, сакаше да ја повтори и ја повтори 2008 година. Јас разбирам да кажете дека нешто нема да направите, но да кажете што е алтернатива. Тука нема алтернатива, не постои, изјави Ковачевски

Геополитичките поместувања во Европа ја подотворија вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но нема да трае предолго. Тезата дека нема потреба од брзање, е погрешна, нереална и многу опасна за нас. Знаеме како изгледа чекање и дека 17 години чекање не донесе ништо подобро, затоа пратениците имаат обврска да донесат одлука за иднината на граѓаните. Заклучокот на Европскиот совет е јасен. Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани.

Ова беше порачано на панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ПолитикУм – Институт за одржливи и иновативни политики.

Премиерот Димитар Ковачевски, во своето обраќање рече дека во насловот на панелот може да се додаде и дека не е само стар ризик, туку ист ризик, од исти луѓе, и дека тоа е одговорот и од последниот Самит Западен Балкан-ЕУ.

– Ќе ви одговорам многу едноставно. Делот за Северна Македонија траеше многу кратко. Ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет од сега. Заклучокот беше еден параграф, во кој стоеше дека Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг и останува да ја заврши својата обврска за изгласување на уставните амандмани и без одлагање и дополнителна одлука, Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција на која се отвораат сите поглавја, рече Ковачевски.

Ако минатата година беше тешка година на носење тешки одлуки, во делот на преговарање и прифаќање на францускиот предлог, според Ковачевски, на последниот Самит, спортски кажано, имавме „празен гол и чист пенал“, што како што нагласи, „заради ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Демократски сојуз не го шутиравме“.

– Тоа е она што се случи. Стар ризик, ист ризик, исти играчи. Мора да бидеме искрени. Се она што сега слушаме е замена на тези. Дали оваа реформа била или не била направена, е замена на тези. Ние имаме заклучок што е еден параграф. Чист и јасен. Амандманите и почнува отворање на поглавјата. Сите поглавја ќе беа отворени наеднаш, изјави Ковачевски.

Процесот од една и пол година скрининг, според Ковачески покажа дека сме во пар со европските институции и европските земји, и дека не треба да се потценуваме.

– Проблемот е што некој, заради личен политички профит и лична политичка агенда, сакаше да ја повтори и ја повтори 2008 година. Јас разбирам да кажете дека нешто нема да направите, но да кажете што е алтернатива. Тука нема алтернатива, не постои, изјави Ковачевски.

Не може, нагласи Ковачевски, постојано да бараме изговори, дали ќе правиме реформи или ќе носиме одлуки.

– Во 2005 станавме земја кандидат за ЕУ заедно со Хрватска. Проекцијата беше 2012 заедно да влеземе, но 2008 година Северна Македонија реши да се антиквизира и наместо 100 години напред, отидовме 1 200 години назад, ама никој не може да се амнестира од тоа. Тоа беше една хипокризија, нагласи Ковачевски.

Претседателката на ПолитикУм и потпретседателка на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) Радмила Шекеринска, во воведното излагање порача дека проширувањето на ЕУ се повеќе станува геополитички проект и секое поголемо проширување на ЕУ во историјата било и ќе остане геополитичко, како и дека првиот заклучок на групата за изминатата година, бил дека геополитичките поместувања во Европа ќе ја подотворат вратата за проширување и тоа е шанса што Северна Македонија треба да ја искористи, но и дека оваа врата нема да трае предолго и не е гарант дека ќе биде одржлива на долг рок.

– Тезата дека нема потреба од брзање, затоа што тоа што треба и онака ќе дојде е погрешна, е нереална и многу опасна за нас, изјави Шекеринска.

Европската Унија, нагласи Шекеринска, мора одвреме навреме да седнува на нашата билатерална маса со Бугарија, бидејќи кога Северна Македонија преговара со Бугарија, не ја има само Република Бугарија, туку и политичката моќ од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка.

– Кога веќе ЕУ не успеа да ја избалансира таа асиметричност, со тоа што билатералните прашања ќе ги елиминира од процесот, во тој случај сметаме дека ЕУ мора да седне на маса и да помогне да се најде одржлив и продуктивен процес, изјави Шекеринска.   

Шансата за успех, според Шекеринска, зависи од политичките и експертски лидерства и во регионот и во ЕУ.

Настанот се одржува во рамки на проектот „Ревидиран процес на проширување на Европската Унија: нов геополитички контекст, нови можности, исти ризици“. Целта на настанот, како што е најавено, е да се фокусираат одредени прашања, поврзани со последните случувања и ставовите на лидерите и експертите во насока на проширувањето на ЕУ, како и заклучоците од работата на експертската група која во текот на 2023 година ги сумираше ставовите на прогресивните политички гласови, експерти, креатори на мислења и новинари.

Модератор, на настанот беше професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Рената Дескоска. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира