Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Филмови на Јежи Сколимовски, антивоена драма на Андреј Цветановски, Шопен на Дино Имери и Дијана Имери Илкоска, роман за исчезнатата Агата Кристи

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, филмови, роман и концерт. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: „Пикник на фронтот“ на Андреј Цветановски во Драмски театар

Најновата претстава на Драмски театар Скопје е работена по текст на шпанскиот писател Фернандо Арабал, во режијата на Андреј Цветановски.

„Пикник на фронтот“ е претстава е за луѓе, поточно едни „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но се подлабоко и подлабоко влегуваат во неа, вели режисерот Цветановски.

Војната е чудовиште кое голта се пред себе, земји, градови, населби, квартови, згради, фамилии, луѓе … И не застанува пред ништо. Од тој момент сите амбиции, желби, соништа стануваат далечни и нормалниот живот како и да не постоел, само потребата да се преживее. Оваа претстава е за такви луѓе, на кои им е смачено да живеат по правилата на преживување, туку сакаат да си играат со животот и да се обидат од војната да направат своја игра која ќе им биде терапија. Нивните приказни раскажуваат колку војната е страшна, секогаш завршуваат во своите трауми од војната и настанот којшто ги одредил како луѓето кои се сега, или лушпи од тоа што биле порано, објаснува режисерот.

Во претставата играат Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ, Соња Стамболџиоска.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимограф е Раде Василев, а изборот на музиката го направи Димитар Андоновски.

Актерката Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, која го игра ликот на госпоѓа Тепан, мајка на момче кое е во војна, пред премиерата изјави дека надева дека после претставата, она што ќе прозвучи надвор од сцената, ќе биде пораката за мир и благостојба.

Актерот Дамјан Цветановски за неговиот лик и ликот на Стефан Вујисиќ вели дека се всушност војници, но немаат ист мотив во војната. Двајцата се довлечкани со сила да се борат, а имаат детска наивност која проникнува низ најсериозните моменти.

Филип Трајковиќ потенцира оти конечно игра улога на лик кој многу го поистоветува со она што се случува денес во светот. Неговиот лик наоѓа начин да биде среќен во тешки и страшни моменти.

Изведбата на „Пикник на фронтот“ – прва реприза по премиерата на 28 ноември – е на 5 декември (вторник) во 20 часот.

Филмови: Недела на полски филм со дела на Јежи Сколимовски

Неделата на полски филм со филмовите на Јежи Сколимовски во Кинотеката започнува на 6 декември (среда), од 20 часот, со проекција на филмот ИО (ЕО).

ИО е најновиот филм на Јежи Сколимовски (Jerzy Skolimowski) еден од најзначајните автори на полската и европската кинематографија на преминот на двата века. Според структурата и нарацијата, ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера.

ИО е инспириран од филмскиот класик на Роберт Бресон (Robert Bresson) од 1966 година „Балтазар, слиучајно“ (Au Hasard Balthazar). Приказната го следи животот на магарето ИО: откако ќе биде избркано од патувачки циркус, ИО го започнува своето патување среќавајќи секакви луѓе, вклучувајќи италијанска грофица и полски фудбалски тим, доживува радост и болка и се обидува да го најде доброто во животот.

Сколимовски додава уште една димензија на приказната и ја истражува визијата за модерна Европа низ очите на магарето кое си ја бара слободата.

Филмот ја освои наградата на жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал, влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023та година, освои уште дваесеттина други фестивалски награди и забележа над 50 номинации. Кинематограферот на ИО, Михал Димек, беше учесник на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола минатата година.

Во наредните денови ќе бидат прикажани следните филмови од раната фаза на неговото творештво:

На 7 декември (четврток) од 20:00 ч. „Белези на идентификација“ (Rysopis / Identification Marks: None; 1965, 71 мин., колор, ДЦП). Дебитантски игран филм на Сколимовски и прв наслов од циклусот за судбината на Анджеј Лешчич, млад и чувствителен човек изгубен во комунистичкото полско општество, кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. Анджеј е алтер егото на Сколимовски, кој го игра главниот лик.

Едно рано утро Анджеј ја остава девојка му која уште спие, решава да се откаже од студентскиот живот и да се пријави за регрутација во војска… „Белези на идентификација“ отвори нови естетски перспективи за полската кинематографија. Филмот е структуиран во само 29 кадри, и е портрет на генерацијатата млади Полјаци во средината на 1960-тите.

На 8 декември (петок) од 20:00 ч. на програмата е Бариера (Bariera / Barrier), третиот филм на Сколимовски од 1966 г. во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска.

Филмот е психолошка драма чиј херој – еден мад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата.

На 9 декември (сабота) од 20:00 ч. е „Лесна победа“ (Wаlkower). Втор игран филм на Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчич. Младиот Анджеј ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е управик во енергетската централа…

На 10 декември (недела) од 20:00 ч. е „Рацете горе“ (Ręce do góry / Hands Up!), четвртиот наслов од серијата автобиографски филмови на Сколимовски.

Петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по нивното дипломирање на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на нивното заедничко минато, кога Полска била под сталинизмот.

Концерт: „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“ со пијанистот Дино Имери и маестра Дијана Имери Илкоска

По блескавите концерти во Лондон, Тбилиси, Загреб и Ленгерих, нашите реномирани уметници, пијанистот Дино Имери и маестра Дијана Имери Илкоска, ќе приредат вистинско музичко доживување и во Скопје.

На 4 декември (понеделник) во Камерната сала на Филхармонија во 20 часот, ќе одржат концерт под наслов „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, на кој Дино Имери ќе се претстави како солист на пијано, а под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе настапи и Камерниот оркестар „ID“, составен од реномирани музичари.

На програмата се дела од еден од највозбудливите романтичари и револуционери во историјата на музиката – Фредерик Шопен: Балада бр. 1 оп.23 во g-moll, Прелудиум оп.28 бр.4 и бр.8, Валцер оп.64 бр.2 во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1 „Минутен“, „Херојска Полонеза“ оп.53 во As-dur, како и фантастичниот Концерт за пијано и оркестар бр.2. во f-moll.

Со овој концерт, „волшебникот на пијаното“ (Magazine, OPS) и „диригентката која може да ги оствари сите свои диригентски креации и замисли“ (маестро Лајовиц), Дино Имери и Дијана Имери Илкоска, ќе ги спојат силите заедно со Камерниот оркестар „ID“ и ќе ја заокружат концертната година на еден мошне уникатен начин.

Концертот пригодно ќе го одбележи големиот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу РС Македонија и Република Полска, а настанот е поддржан од Министерството за култура и Амбасадата на Полска.

Книга: Роман „Аферата Кристи“ од Нина де Грамонт

Во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, деновиве излезе од печат романот „Аферата Кристи“ од Нина де Грамонт.

Појдовна точка за создавање на ова дело се познатите 11 дена исчезнување на големата писателка. Дамата-романописец, како што ја нарекувале некои весници, станала предмет на една од најголемите потраги по исчезнати личности во британската историја во која се вклучила полицијата, голем број кучиња-трагачи, цела армија доброволци, но и колегите-писатели на крими-романи како Дороти Л. Сејерс, Артур Конан Дојл, а секако и нејзиниот сопруг Арчибалд Кристи. Иако никогаш јавно не проговорила за овој настан, постојат мислења дека таа исчезнала како казна за сопругот кој ја изневерил.

Во оваа фикционализирана приказна на Нина де Грамонт за тој настан, како наратор се појавува љубовницата на Арчи, Нан О’Ди, која многу вешто го вовлекува читателот во сите настани што претходеле на исчезнувањето, но и за тоа што се случувало во текот на тие денови. Книгата е така структурирана што поглавјата постојано се менуваат помеѓу деновите и часовите околу исчезнувањето на Кристи, но и со реминисценции на поранешниот живот на Нан во Лондон и во Ирска.

„Аферата Кристи“ од Нина де Грамонт е интернационален бестселер на „Њујорк тајмс“ и беше избор за најдобро издание на месецот на книжевниот клуб на Рис Витерспун за февруари 2022 година. Ова издание е веќе преведено на италијански, романски, португалски, хрватски, српски, холандски, литвански, француски, полски, шпански, германски, а сега ја добива и својата македонска верзија.

Избрал: С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира