Историографијата не е „света книга“, треба да се препрочита без страв за македонскиот идентитет

Историјата не може да биде догма или света книга која служи на политички режими. Секогаш кога тоа е случај, кога таа се претставува на тој начин, тогаш таа се злоупотребува, како што е тоа во случајот со македонско-бугарските односи и контроверзи поврзани со историјата

Зоран БОЈАРОВСКИ

Академик, проф. д-р Драги Ѓоргиев, актуелен  директор на Институтот за национална историја, и копретседавач на мешовитата македонско-бугарска комисија за историско-образовни прашања, во интервју за Политиканти, објавено на Рацин.мк, изнесе една смела идеја дека дел од нашата историја треба да се препрочита и дека она што го запишала историографијата „не е ‘Света книга’, не е Библија со цел да се понуди една поинаква перспектива и за тоа не треба да имаме никаков страв дека ќе го загрозиме македонскиот идентитет“.

Академик Драги Ѓоргиев оди храбро и чекор понатаму и вели дека треба да се престане со практиката „врз основа на однапред зададена теза да ја пишуваме историјата, односно кога пишувајќи настојувате да оправдате некои настани или личности од минатото кои се важни за нашиот национален наратив“.

Академик Драги Ѓоргиев

Ѓоргиев: Кога преовладуваат тенденции кои сопствениот, современ национализам го пренесуваат 1000 години наназад, тогаш зборуваме за ретроспективен национализам.

На прашањето како општеството да прифати една вака нова отворена врата за ново време на историографијата, директорот на ИНИ Драги Ѓоргиев вели дека тоа е тешка борба.

– Тоа е тешка борба којашто треба да ја извојуваат самите историчари, но и оние чијашто работа е историското паметење на другите, па и на политичарите. Да овозможат атмосефара на критички поглед на минатото. Без таква сериозен приспат во оваа сфера ќе биде многу тешко, вели историчарот и академик Драги Ѓоргиев.

Оваа идеја на академик Ѓоргиев не е нова. Првите никулци за еден нов пристап на македонската историографија беа забележани уште во првите години на независноста на земјата во раните деведестти. Но тогаш, под притисок на атмосферата за „извојување“ и опстојување на независна Република Македонија, наспроти историските наративите кои ја „врзуваа“ државата за југословенски историографски дискурс, се отиде во друга крајност кога, како што вели академик Ѓоргиев, започнаа и преовладаа тенденции кои сопствениот, современ национализам започнаа да го пренесуваат 1000 години наназад.

– Тоа современите теоретичари на идентитетот го нарекуваат ретроспективен национализам, потенцираше во интервјуто за Политиканти академик Ѓоргиев.

Дали денеска има промена во таа насока? Според соговорниците на Рацин.мк на оваа тема се чини дека некоја пресвртна промена нема, но на хоризонтот има најави кои можат да донесат еден поинаков пристап кон ова прашање.

– Постои поделеност во историографската фела. Од една страна се историчарите кои се држат цврсто за она што веќе е напишано, но, постојат и колеги кои поинаку почнуваат да ги толкуваат настаните од минатото. Похрабро. Без страв дека ќе се поткопа македондскиот идентитет, посочува Академик Драги Ѓоргиев.

Тој дополнува дека станува збор за помлади историчари, кои завршиле надвор магистерски или докторски студии и кои ги застапуваат идеите дека идентитетите не се фиксирани категории туку станува збор за динамични категории.

– Од таму оптимизмот дека ќе дојде до промена, уште повеќе што нам ни се отворени фондови и контакти кои ќе помогнат да бидат надминати некои клишеа и да се гледа малку поинаку на ова прашање, појаснува Ѓоргиев.

Да се ослобводиме од „историската вистна“ исполнета со политичка митологија

Еден од тие помлади историчари е вонредниот професор д-р Петар Тодоров. Тодоров студирал историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, магистрирал на Високата школа за општествени науки во Париз (Ecole des hautes études en sciences sociales – EHESS) во 2006 година, а докторската теза ја одбранил на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 2013 година. Неговиот истражувачки интерес се фокусира на социјална и урбана историја на османлискиот и постосманлискиот простор на Балканот. Исто така, во истражувачкиот фокус се историското образование и (зло)употребата на историјата во современите општества. Петар Тодоров бил корисник на неколку стипендии и истражувачки грантови од неколку меѓународни високобразовни институции (Универзитетот во Виена, Американскиот истражувачки центар во Софија, Георг Екерт институт за истражување на меѓународни учебници). Од 2014 до 2016 бил визитинг професор по Историја на Балканот на Универзитетот Истанбул Шехир. Учествувал во повеќе научни проекти кои се однесуваат на прашања од минатото на Балканот и со соочување со минатото и помирување. Автор е на повеќе трудови, статии, педагошки материјали и стручни преводи од француски на македонски јазик.

Проф. д-р Петар Тодоров

Тодоров: Историјата не може да биде догма или света книга која служи на политички режими. Секогаш кога тоа е случај, кога таа се претставува на тој начин, тогаш таа се злоупотребува, како што е тоа во случајот со македонско-бугарските односи и контроверзи поврзани со историјата

И Тодоров е член на мешовитата македонско-бугарска комисија за историско-образовни прашања и на оваа теме за Рацин.мк вели дека кај нас во Македонија, но и на Балканот постои силна поделеност помеѓу историчар(к)ите.

– Таа не е толку идеолошка, во смисла на историчар(к)и кои припаѓаат на левицата или на десницата, туку на тоа како ја разбираме историјата и нејзиното место и улога во општеството. Имам впечаток дека доминира групата на оние кои мислат дека историјата треба да и служи на националната идеја, на нацијата и историјата да се пишува во исклучиви национални рамки, го образложува својот став Петар Тодоров.

Тодоров уште укажува дека “често сведочиме како наративот за националната идеја е нешто што се прилагодува на потребите на политичките режими“.

– Во тој случај се создава поглед за минатото кое е селективно, и во кое има многу политичка митологија. Притоа сведочиме како одреден поглед за минатото се наметнува како единствено точно толкување на минатото или како што често слушаме во јавниот дискурс – “историска вистина”. Но, една вистина не постои. Како што вели Петре М. Андреевски во Небеска Тимјановна – Вистини има колку што има и луѓе. И живи и мртви, нагласува д-р Петар Тодоров, редовен професор при Институтот за национална историја.

– Затоа историјата не може да биде догма или света книга која служи на политички режими. Секогаш кога тоа е случај, кога таа се претставува на тој начин, тогаш таа се злоупотребува, како што е тоа во случајот со македонско-бугарските односи и контроверзи поврзани со историјата , укажува Тодоров.

На прашањето какво е неговото мислење за ставовите кои заговараат препрочитување на некои настани од историјата заради идеолошките влијанија кои во одредени периоди имало врз историографијата, Петар Тодоров вели дека „историјата, поточно читањето или толкувањето на минатото повеќе зборува за нас и нашето време, отколку за историските извори и самото минато“.

– Историјата како хуманистичка дисциплина не е статична, историјата не е нешто што е напишано во камен за век и веков. Туку, таа е, или, треба да биде динамична. Нашите познавања за минатото треба да бидат плод на постојана дебата на сите оние кои се занимаваат со минатото (историчари, антрополози, етнолози и други). Затоа, задачата на историчарите е постојано и критичко преиспитување на минатото. Притоа, читањето на историјата не треба да служи за идеолошко легитимирање на политички режими. Во спротивно тоа не би било историја“, потенцира Петар Тодоров од Институтот за национална историја.

Балканската историја е историја на споделеност, на испреплетеност на повеќеслојни идентитети

Ги прашавме академик Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров дали на прашањето за преиспитување, односно препрочитување на некои поглавја од македонската историја, пишувани под силно влијание на одредени идеолошки насоки, влијае стравот од подривање или доведување во прашање на идентитетот.

Двајцата наши соговорници велат дека во голема мерка тој историски наратив бил одговор на негирањето на кидентитетот на Македонската нација, но и на идеолошко-политичкото влијание националниот идентитет на современите Македонци да се „развлекува“ и да се аплицира во историски периоди кои не соодветствуваат на историската реалност и кога всушност се претвораат во митологизација.

– Во нашиот општествено-политички контекст често отворањето на некои теми од историјата се доведуваат во контекст на идентитетот, бидејќи имавме и се уште имаме официјални државни политики на соседни држави кои го негираат идентитетот на Македонците преку многу инструментализирано толкување на минатото за кое спомнав претходно, но и поради нашето разбирање дека македонскиот идентитет во голема мера зависи од идентитетот на некој што живеел пред 200, 500, 1000 и повеќе години и во постоењето на континуитет на нацијата од антиката до денес, вели Тодоров.

Вонредниот професор на ИНИ Тодоров дополнува дека „историскиот наратив е составен дел од нашиот идентитет и тоа кажува за нас како се сеќаваме на одредени настани од минатото, но она што мене и моите сограѓан(к)и не прави Македонци и Македонки е и македонскиот јазик, култура и определбата да бидеме Македонци, да живееме заедно и да споделуваме исти или слични вредности“.

Ѓоргиев: Споделената историја е модерна теза. Балканската историја и историја на споделеност, на испреплетеност на повеќеслојни идентитети и на тоа треба да се базираат современите историографии.

Академик Драги Ѓоргиев нагласува дека треба да се свртиме кон современите историографски методологии за кои националните идентитети се резултат на национализмите од почетокот на 19 век.

– Идентитетот не е биолошка категорија. Тој е конструкт. Ние не се раѓаме со однапред утврден биолошки идентитет како Македонец, Бугарин или Албанец… Кога зборуваме за конструкт, зборуваме за социјални, политички, културни категории… Не може да ги гледаме нашите идентитети скаманети 1000 години наназад, објаснува историчарот и академик Драги Ѓоргиев.

Оттаму, вели Драги Ѓоргиев, споделената историја е модерна теза. Балканската историја и историја на споделеност, на испреплетеност на повеќеслојни идентитети и на тоа треба да се базираат современите историографии.

Треба да знаете
Moже да ве интересира