Израелската економија е во проблеми додека судирите во Газа продолжуваат втор месец

Два месеци од почетокот на израелската војна во Газа, многу сектори во земјата не можеа да се опорават од последиците од конфликтот, и покрај напорите на владата да ја поддржи економијата.

Повеќето сектори на израелската економија доживеаја пад по 7 октомври, кога Тел Авив одговори на прекуграничниот напад на групата на отпорот Хамас со немилосрдна кампања на удари и копнени напади врз палестинската енклава.

Во конфликтот, израелскиот шекел падна на најниската стапка од 4,08 во однос на американскиот долар, за да се врати на предвоеното ниво, кое на почетокот на ноември беше 3,84.

Стапката подоцна дополнително се подобри на просечни 3,72 во однос на доларот до крајот на минатиот месец, најмногу поради интервенцијата на Банката на Израел на девизните пазари.

Туризам

Туризмот во Израел забележа пад од неверојатни 76 отсто во октомври поради конфликтот, кој предизвика бран откажувања на летови од и до Тел Авив.

Според израелското биро за статистика, во октомври Израел го посетиле само 89.700 туристи, од кои повеќето пристигнале пред почетокот на војната.

Ова претставува пад од над 370.000 странски туристи во споредба со претходната година, што го истакнува сериозното влијание што секторот го претрпе поради ненадејниот напад на Хамас.

Податоците за туризмот за ноември, кои се уште не се достапни, се очекува да одразат значителен пад во однос на октомври.

Воздухопловство

Летовите до и од меѓународниот аеродром Бен Гурион во Тел Авив се намалени за околу 80 отсто од почетокот на војната, се наведува во извештајот на веб-страницата Secret Flights.

Иако вообичаено примаше 500 летови дневно, аеродромот имаше само околу 100 дневно за време на конфликтот до 10 ноември.

Од 29 ноември траат напорите да се убедат меѓународните авиокомпании да ги обноват летовите до и од Тел Авив, а Уди Бар-Оз, шеф на National Airlines, води разговари со претставници на преку 120 странски авиопревозници.

Од 7 октомври, шест странски авиопревозници, вклучително и Етихад Ервејс, Флајдубаи, Хаинан ерлајнс и Азимут ерлајнс, заедно со Ел Ал Израел ерлајнс, ги продолжија своите операции кон и од Израел.

Пазар на труд

Досега израелскиот пазар претрпе загуба од околу 950.000 работни места. Стотици илјади други, во меѓувреме, се соочуваат со предизвици да стигнат на работа во близина на Појасот Газа или во северен Израел во близина на границата со Либан, каде што, исто така, има спорадични борби.

Конфликтот резултираше со тоа што повеќе од 178.000 палестински работници не беа во можност да патуваат до нивните израелски работни места или населби. Исто така, околу 350.000 израелски вработени се приклучиле на армијата, додека околу 46.000 биле отпуштени, според израелското Министерство за труд.

Севкупно, се проценува дека околу 760.000, приближно 18 отсто од работната сила, не биле способни да работат бидејќи служеле како резервисти, престојувале во близина на конфликтните области или останувале дома со децата.

Недвижен имот

Во Израел, над 90.000 палестински работници се вработени во секторот на недвижности од вкупно 178.000. Никој не се вратил на работа од почетокот на конфликтот.

Во меѓувреме, палестинската работна сила делумно се врати во другите сектори, како што се земјоделството и прехранбената индустрија, поради недостигот на овие видови стоки на израелските пазари.

Индустријата за недвижнини покажа пад од над 8 отсто на израелската берза до крајот на минатиот месец во споредба со предвоените нивоа.

На 1 декември, Израел ја продолжи својата воена офанзива на палестинска територија по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со палестинската група Хамас.

Повеќе од 17.000 Палестинци се убиени, а повеќе од 43.000 се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничен напад на Хамас.

Бројот на израелски жртви од нападот на Хамас е 1.200, според официјалните податоци. (Анадолија / МИА)

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?