Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска: Процесот на кој се заснова титулата Европска престолнина на културата не е поврзан со реконструкцијата на Универзална сала

Ова е процес во кој мораме сите заедно да учествуваме. Универзалната сала и нејзиното нефункционирање навистина многу долго време се чувствува по националните установи и во развојот на културната сцена, напомена министерката

Како што изјави денеска Костадиновска-Стојчевска, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Ѓорче Петров, откако Скопје ја доби титулата Европска престолнина на културата, на властите им било кажано дека за шест месеци ќе дојде првата контрола од Европска комисија за да види што е сработено. Од тоа, потоа, ќе зависи дали градот ќе ја оправда титулата или не. 

Според министерката, Универзална сала сè уште е во надлежност на Град Скопје. Одлуката со која до завршување на реконструкцијата Универзална сала треба да се пренесе во надлежност на Министерството за култура, сè уште не е формално потпишана од градоначалничката Данела Арсовска, иако се прават максимални напори за забрзување на постапката. 

-Европска престолнина на културата е титула која културната сцена и културните работници во Северна Македонија и тоа како ја заслужија. Точно е дека носител е Универзална сала како национална установа, но процесот на кој се заснова Европска престолнина на културата, односно целиот тој проект не е поврзан со реализацијата, односно реконструкцијата на Универзална сала. Напротив, тој е поврзан со тоа како ќе работи сега тоа административно тело кое треба да се формира, односно треба носителот на проектот што е определен од Град Скопје да ги почне административните доекипирања на креативниот тим што треба да ја спроведе оваа апликација до крај, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Во контекст на тоа, посочи  Костадиновска-Стојчевска, потпишавме Меморандум за соработка помеѓу Министерство за култура и Град Скопје каде што, како што појасни,  Министерство за култура ги понудило сите ресурси односно просторни и финансиски, настрана од гаранцијата дадена како поддржувачи во Европска престолнина на култура за 2028 година.

-Понудивме креативниот тим да работи во простор што ние ќе го обезбедиме во една наша национална установа, обезбедивме средства за да го помогнеме финансиски тимот, бидејќи сметам дека тука треба да седнат на маса сите заедно и тимот што беше заедно со мене и со градоначалничката во Брисел, тимот што помогна во 2018 година да се поднесе апликацијата, треба да има минимум два надворешни експерта кои треба да се изберат на јавен оглас. Сето тоа е главна задача на носителот на проектот, односно Град Скопје и градската администрација, објасни министерката.  

Одлуката, нагласи министерката, сè уште не е формално потпишана од градоначалничката Арсовска, што значи дека Универзална сала е сè уште во надлежност на Град Скопје, иако е изгласан во Советот на Град Скопје пред околу 2,5 месеци.

-Токму затоа што веќе поминаа 2,5 месеца, ние интензивно, неколку пати, со ургенции се упатувавме до Советот на Град Скопје, до претседателот на Советот на Град Скопје и до градската администрација и до самата градоначалничка, да ја забрзаат целата постапка, бидејќи понатаму следат уште неколку чекори што треба да ги направиме за да може правото на реконструкција да биде пренесено на Министерството за култура. Тоа не е сè уште направено и покрај тоа што пред две недели на техничко ниво се одржа состанок на претставници од Министерство за култура и од Град Скопје каде што беше понуден вид договор што не е соодветен со Одлуката што ја донесе Советот на Град Скопје. Затоа, ние повторно нивниот договор го корегиравме во насока на почитување на Одлуката што ја донесоа советниците за да може да се пренесе правото за реконструкција на Министерство за култура до завршување на таа реконструкција и потоа повторно да биде вратена на Град Скопје, но сè уште немаме никаков одговор и покрај тоа што редовно целата документација беше испратена и до Град Скопје, и до советниците и до претседателот, рече Костадиновска-Стојчевска.

Како што потенцира, Министерството редовно се обраќа до сите во Градот.

-Ова е процес во кој мораме сите заедно да учествуваме. Универзалната сала и нејзиното нефункционирање навистина многу долго време се чувствува по националните установи и во развојот на културната сцена, напомена министерката.

Вчера и премиерот Димитар Ковачевски рече дека Владата се обидува да ја реконструира Универзална сала, но засега нема слух од Градот Скопје. (МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира