Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маските, качулките, јајцата и политичките транспаренти го фрлија во втор план револтот на граѓаните за случајот „Онкологија“

Скандалот со злоупотребата на лековите на Клиниката за онкологија веќе неколку дена ја бранува јавноста, откако Министерството за внатрешни работи и Обвинителство отворија предистражна постапка по пишувањата на медиумите „Слободен Печат“ и „Фокус“ дека има сомнежи оти на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом (рак), кои наместо лек добивале физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Нема неказнливи и недопирливи

Министерството за здравство, МВР, Јавното обвинителство, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски истакаа дека нема да има пардон за сите инволвирани и ќе  мора да одговараат без разлика кои се.

Од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи информираат дека врз основа на своите законски надлежности, интензивно се преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, и во тој контекст информираат дека веќе се издадени соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, како и дека истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.

„Секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара. Посебен тим од Крим полиција работи во координација со Основното јавно обвинителство, направен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со Клиниката за онкологија.

Министерот за здравство Фатмир Меџити и в.д. директорите на клиниката в.д. директорите на Клиниката за онкологија д-р Виолета Клисаровска и Халид Матоши, рече дека тие имаат увид во она што се случувало на Клиниката за онкологија, дека се што е побарано од нив од МВР и од Обвинителството им е дадено, но за тоа кој е одговорен за криминалот таму одговори треба да даде ОЈО. Меџити и Клисаровска побараа да не се ставаат сите доктори во ист кош и ги уверуваа пациентите дека сега нема проблеми со терапијата, и замолија да нема шпекулации за дополнително да не се вознемируваат пациентите.

Претседателот Пендаровски оцени дека крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите.

Премиерот Ковачевски во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици истакна дека пардон нема да има за никого, и побара случајот да не се политизира.

„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ тој што се огрешил има да одговара“, нагласи Ковачевски.

Пласирање дезинформации

Откако обвинителството и финансиската полиција запленија компјутери и медицински истории на пациенти на Клиниката за онкологија, претресот го продолжиле и кај поранешниот директор на болницата д-р Нино Васев, како и кај уште еден вработен од клиниката кој бил возач. По оваа акција на надлежните институции, партиските кујни веднаш се активираа да шират дезинформации дека наводно Стефан Васев од СДСМ е син на д-р Васев.

Оваа лага ја објави и порталот Антропол, кој се смета за гласило на политичката партија Левица, а потоа во попладневните часови го објави демантот, но не се извини за лагите.

“Порталот Антропол објавува невистина. Целосно ги отфрлам лажните вести и невистините што се шират на дел од порталите и социјалните мрежи за наводната роднинска поврзаност со доктор Никола Васев. Ниту роднински ниту на било кој друг начин не сме поврзани со споменатиот доктор Васев. За изнесените лаги ќе побарам извинување и повлекување поради повреда на мојата чест и углед“, изјави Васев.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска ја потврди лажната вест која се прошири на Фејсбук страната „Следиме“ во врска со Стефан Васев, додавајќи дека ваква лага за млад човек кој никако не е поврзан со никого е груба манипулација, суровост и е дефокус што некому му одговара!

„#Следиме очигледно следат и шират само лаги! Поранешниот колега Стефан Васев ниту е син на споменатото лице, ниту има мајка обвинителка, ниту дада новинарка инфлуенсерка!

Лагата е употребена за поврзаност со случајот кој ја згрози цела јавност, а можеби е со цел да се сокријат некои други имиња! Истрагата е во тек, имињата и нивните недела сигурна сум дека ќе бидат јавно обелоденети и секој виновен, без разлика на партиска, верска и било каква припадност ќе си одговара! Мора да одговараат!“, истакна Кузеска.

Натпартиски, но сепак антивладини протести

По скандалот со злоупотребата на лековите на клиниката за Онкологија, социјалните мрежи се преплавија со осуди, згрозување, повици за линч, како и повици да се излезе на улица. Веднаш се креираше настан „Протест против убиството на онкологија“. Креаторите на настанот се „политичка организација“, а случајно или не, повикот за „натпартиски“, но сепак „антивладин“ протест е идентичен со соопштението за поддршката на протестот од политичката партија Левица.

Вчерашниот протест за случајот со злоупотребата на лековите во Онкологија, на кој граѓаните излегоа да го изразат револтот и да бараат правда за исклучителната нехуманост од страна на одредени здравствени работници, очекувано, и според најавите, беше киднапиран и злоупотребен од партиите Левица и ВМРО –ДПМНЕ. 

Колегата Џабир Дерала во колумната „БЕСЧУВСТВИТЕЛНИ И ВУЛГАРНИ ПОЛИТИЧКИ МОНСТРУМИ: Киднапирање на еден протест“ пишува дека најмногу од сѐ, киднаперите на протестот ги понижија и си поиграа со емоциите на граѓанките и граѓаните чиј револт е оправдан. Оваа политикантска банда најдрско се подбива со тагата и гневот на луѓето кои изгубиле свои блиски поради криминалците во здравството.

„Нека остане запаметено… Не се тие заинтересирани за правда. Немаат поим што значи тага. Нивниот единствен план е, по секоја цена, да приберат политички поени во секоја ситуација. Целта им е да се доберат до власт, за да обезбедат пари и моќ. Да ги лечат своите комплекси и фрустрации, да уживаат во пленот што го зграпчиле во своите смрдливи челусти. Се разбира, да ги заштитат своите луѓе вплеткани во криминалот. Тоа е, ништо повеќе. Ним не им е гајле ни за луѓето, ни за вредностите“, пишува Дерала.

Освен паролите со говор на омраза и вулгарните транспаренти, меѓу демонстрантите се појави и девојка облечена во народна носија и маска со обележја на познатата озлогласена, екстремно десничарска група Кју Анон, давајќи му на протестот уште една димензија, секако, во погрешен правец. Наместо да им се даде простор на граѓаните да си ги изразат своите незадоволства и револт пред институциите, протестот се сведе на „извонредна“ шанса за дел од опозицискиот блок партии да си ги „играат“ своите агенди на улиците.

А иронијата да е уште поголема дотичната личност дошла да протестира оти им се краде и не им се дава соодветниот лек на болните од рак со транспарент на кој пишува „ракот е паразит и вакцините се полни со отров“! Инаку, како информација за атнтиваксерката, „убици“ се пишува „убијци“.

Поттикнување етничка омраза и нетрпеливост

Десничарските левичари не пропуштија да шират етничка омраза и нетрпеливост, а предводник на тоа беше првиот човек на партијата која се регистрирала како Левица, Апасиев. Тој го споделил статусот на новинарката на Фокус, Ирена Мулачка која пишала дека лековите за рак се препродавале на црниот пазар во Косово, додвајќи коментар „Ова ли е тоа: Соживотот го плаќаме со живот“?

Професорот по римско право, Апасиев, не му се допадна апелот на професорката од Правниот факултет, Ана Чупеска која истакна дека јавноста е оправдано згрозена и реагира за овој случај, но исто така повика и против злоупотребите на човечките судбини.

„И уште нешто, повици за протест се легитимни, ама не и однапред да ги осудувате, со фаци што сте ставиле на слики и да повикувате на линч без да имате било какви докази. Аман кое дно сте??? Трамповци и трапчовци“, вели Чупеска.

Апасиев на неговиот Фејсбук профил ширеше омраза кон професорката Чупеска: „Лично познавам најмалку тројца професори од Правен кои завршија у Бардовци (ама буквално)! Ана Чупеска изгледа ќе да е четвртата“.

Твитер профилот „Блефер“ (името доволно кажува), пишува: Кај се бе овие Албанците што ја сакаат Македонија исто како и ние? Или Албанци не заболуваат од рак? 

Агим Селами од ЗИП институтот, на својот профил на Фејсбук напиша дека нагласувањето на делот со Косово и наративот “лекот што требало да го земе Македонецот бил продаден на Албанци/Косовари” е сосема погрешен.

„Дали само Македонецот боледува од рак? И дали знаете дека превалентноста на ракот кај Албанците (поради понизок квалитет на живот, понизок степен на свесност за здрава нутриција, и редовни превентивни здравствени прегледи) е повисока во споредба со Македонците? Сакам да кажам дека ако се украл лекот од пациенти од Македонија, меѓу тие пациенти на кои им е одземено правото на живот, голем процент се токму Албанци. Конечно, треба здружен пристап против криминалот а не да се мери кој етникум е помалку/повеќе криминализиран“, потенцира Селами.

ЦИВИЛ со осуда на криминалот и на политичкото профитерство во случајот „Онкологија“

Со оглед на индициите дека овој криминал се случувал многу долго време, ЦИВИЛ смета дека реакцијата е задоцнета, но во секој случај добредојдена ќе биде транспарентна и темелна истрага и најстроги законски санкции против сторителите.

ЦИВИЛ нагласува дека во криминални активности од овој вид и размер, не е возможно да се вклучени само вработени во клиниката. Виновниците и олеснувачите на криминалот мора да се бараат во раководните структури и во други сектори што ги овозможувале, помагале или спроведувале криминалните активности.

Осуда заслужуваат и политичките партии, групи и поединци кои во овој случај видоа можност за политички профит со ширење говор на омраза, дезинформации, и националистички и антизападни пораки. Со тие постапки се врши целосна злоупотреба на оправданиот револт на граѓанките и граѓаните, за цели кои немаат врска со грижата за правата, здравјето и животот на луѓето.

ЦИВИЛ со згрозеност ги следи постапките на политичките профитери и ги повикува граѓанките и граѓаните решително и со осуда да го отфрлат нечесниот обид да се злоупотреби несреќата на луѓето за политички цели.

Истрагата е во тек за наводите за Клиниката за онкологија и сите очекуваме што побрзо да се расчисти овој случај.

Зачлени се на нашиот е-билтен