Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Медиумските записи сведочат дека за ИПИС „штелувањето“ анкети е вообичаена работа

Медиумските записи меморирани на интернет сведочат дека за ИПИС „штелувањето“ анкети е вообичаена работа.

Оваа активност на „стратезите“ на ИПИС станаа особено транспарентни кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ кои сведочеа за аздисот на тогашната власт во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Во една од тие бомби тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски се слуша како говори дека „најмногу го изнервирало тоа што анкетите на Центарот за истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на Владимир Божиновски, пред изборите, покажувале дека паѓала поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

„Ме попари. Ушите ми зујат, срцето ми тропа. Најмногу се работи таму. Ај да купев зграда во Прилеп или со ‘мерцедес’ или со џип да се возев, па да падне толку рејтингот, вака нема логика“, вели Јанакиески, кој е роден во Прилеп, во тој телефонски разговор.

Божиновски од другата страна на линијата го теши дека можеби е направена некоја грешка и дека ќе ја повтори анкетата.

„И јас се изнервирав. Сега оваа недела најјако што можете“, му вели Божиновски на Јанакиески.

По ова, Јанакиески бара совети од сопартијци како да го поправат партискиот рејтинг, па се слушаат предлози: невладина организација да му даде награда на Миле, да се најави голем проект како Прилеп 2014, да се „истураат“ масло за готвење, брашно, да се договараат „ексклузивни“ интервјуа со Миле Јанакиевски.

Вакви слични разговори во кои се споменувааат ИПИС и Божиновски, слушнавме и меѓу други актери на ВМРО-ДПМНЕ.

Мартин Протоѓер, шеф на кабинет на поранешниот премиер Никола Груевски, според „бомбите“ што е се слушаа во Кривичниот суд во предметот „Титаник“, во телефонски разговор непосредно пред парламентарните избори во 2011 година на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ѝ одговара како стои ВМРО-ДПМНЕ на теренот.

„Ќе ги згазиме! А ноќта на петти, ќе им се мочам во уста на А1!“, говореше тогаш Протоѓер.

Анкетите и тогаш им ги изработува Владимир Божиновски-Влајко, координатор на Центарот за истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) кој денес се декларира како независен аналитичар.

Јанкулоска во разговор вели дека тој имал еден куп нарачки, цел штаб на ВМРО-ДПМНЕ му бил на грб. Но, и дека ветил оти на толку работа, ќе ја повтори ако треба анкетата за четвртата изборна единица, каде што од необјаснети причини паѓал рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред изборите.

За неброените договори на ИПИС со ВМРО-ДПМНЕ и со инстутуциите што своевремено беа под власт на оваа партија податоци можат да се најдат во истражувачките стории на Балканската истражувачка мрежа (БИРН).

Во истражувачкиот текст со наслов „Анкети за јавно мислење тешки половина милион евра“, објавен на 5 септември 2017 година пишува дека „повеќе од  600.000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење, покажуваат документите што ги поседува БИРН. Овој институт во јавноста често беше застапуван преку Владимир Божиновски, кој во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во корист на поранешната владејачка структура“.

Истражувачката сторија на БИРН открива дека „неретко, одреден политички проект на институциите што предизвикувал жестоки реакции во јавноста, во анкетите на ИПИС  бил претставуван како поддржан од мнозинството граѓани“.

„Таков е примерот со проектот „плата по учинок“ во здравството кој предизвика незадоволство и штрајк на лекарите контра Министерството за здравство. Резултатите на анкетата на ИПИС беа користени како аргумент за исправноста на политиката на Министерството кое истовремено ги нарачувало и плаќало услугите на овој Институт“, се укажува во истражувањето на БИРН.

Редовни клиенти на ИПИС биле и Никола Тодоров, како министер за здравство и како министер за образование, и поранешниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов.

Анкетите за Тодоров како министер за здравство, за кои биле склучени три договори со вкупна вредност од над 47 илјади евра, го „мереле на задоволството на пациентите и евалуација на квалитетот на здравствените услуги“ и од проектот „Мој термин“, пишува во анализата на БИРН.

Претседателот Ѓорге Иванов бил корисник на услугите на ИПИС во 2011 и 2012 година кога биле склучени три договори во вкупна вредност од 11.648 евра, наведува БИРН.

Една од овие анкети, се наведува во истражувањето, покажала дека околу 73 отсто од испитаниците сметаат дека претседателот Иванов чесно ја извршува својата функција. Анкетата покажала и дека над половина (58,4%) од испитаниците имале позитивно мислење за претседателот.

БИРН потсетува дека анкетата на ИПИС објавена во март 2017 година, покажуваше дека забрзано расте рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 година. Анкетата покажа дека за три месеци рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ скокнал од 25.5 проценти на 27.1 проценти, а партијата дожиеа дебакл на локалните избори коишто се одржаа во септември 2017 година.

Р. Р.

Треба да знаете
Moже да ве интересира