Велат тешко е да се поверува, но некои наши соговорници на оваа тема предупредуваат дека на Комитите „помил им е Вардар, отколку ВМРО-ДПМНЕ“ и дека изборот на Миленко Неделковски за прв човек на Вардар ги изневери нивните очекувања и надежи дека ќе го видат „клубот на народот“ повторно на врвот и со отворен пат кон фудбалска Европа.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Желбите на Комитите и амбициите на новата управа на ФК Вардар никако да се усогласат. Некаде на почетокот на летото, откако заврши претходната сезона, меѓу навивачите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб започна да преовладува еуфоријата која беше поттикната од влезот на австриски „Новоматик“, односно „Новоматик Македонија“, како главен спонзор на клубот во новата сезона.
Влезот на „Новоматик“ беше и официјално потврден на 9 јули кога оваа компанија и ФК Вардар потпишаа Договорот за главно спонзорство. Договорот беше потпишан од страна на директорот на „Новоматик Македонија“, Александар Симовиќ и претседателот на ФК „Вардар“, Милорад Миленковски.
Едногодишниот договор вреди 1 милион евра, а двете страни на прес-конференцијата ппо тој повод изјавија дека очекуваат соработката да биде продолжена и за повеќе години.
„Не отстапуваме од мотото „Секогаш општествено корисна компанија“. Нема да ја преземеме управата на клубот, туку ќе имаме наш претставник кој ќе внимава на финансиската состојба на клубот. Вардар е симбол на најголемите македонски спортски успеси. Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб. Затоа ни претставува огромна чест и задоволство да стои нашето лого”, изјавија тогаш од „Новоматик“.
Но, радоста и очекувањата на Комитите, верните навивачи кои никогаш не се откажаа од клубот и во најтешките негови денови, беа поматени и нарушени, откако се прошири информацијата дека новата приказна на ФК Вардар свое место ќе има и Миленко Неделковски.
Првично беше проширена информацијата дека Миленко Неделковски ќе биде „претставникот“ на „Новоматик“ „кој ќе внимава на финсиската состојба во клубот“, а потоа, откако од изјавата на австриската компанија стана јасно дека „нема да ја преземат управата на клубот“, се прошири веста дека, всушност, управата на ФК Вардар ја презема токму Миленко Неделковски и тоа како извршен директор.
Како контроверзна и проблематична фигура во македонското новинарство, спорт и политика, информацијата дека Миленко Неделковски го „презема“ ФК Вардар како извршен директор, првично ги подели Комитите. Дел од нив зазедоа став дека Миленко Неделковски е погубен избор за Вардар, а останатите сметаа во неговиот бекграунд има елементи кои ветуваат дека тој може да го врати Вардар на здрави нозе.
Овие вторите сметаат дека со оглед на тоа дека патот на Миленко Неделковски до ФК Вардар му го обезбеди новата владеачка гарнитура, односно ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е гаранција дека клубот ќе има поддршка за да се врати на врвот, а потоа и да се одмерува со другите на европската фудбалска сцена.
Но, за Комитите и спортската јавност во Македонија, која со огромна скепса и негодување ја прифати информацијата дека на чело на клубот е Миленко Неделковски, разочарувањето дојде многу побргу отколку што се очекуваше и еуфоријата бргу премина во гнев кој кулминираше со објавата на Фејсбук: „Рибата смрди од главата, последна опомена за упрвата!“.
Следот на околностите кои доведоа до оваа порака, според добро упатените во состојбите во ФК Вардар, започнаа со трансферите кои беа направени ова лето. Наместо „топ фудбалери“, како што најавуваа во Вардар се донесени играчи кои имале сосема мала минутажа во клубовите од каде што се преземени или, уште полошо, биле или на клупа или надвор од состав во претходната сезона.
Проблематичен е и ангажманот на двајцата кондициони тренери од Аргентина, велат нашите соговорници, откако се увиде на првите три натпревари од новата сезона дека кондициската подготвеност на играчите е на едно незадоволително ниво.
Велат дека незадоволството пораснало и заради оставката на тренерот и шефот на стручниот штаб Горазд Михајлов, кој, меѓу другото, оваа своја одлука ја донел и заради направените трансфери ова лето за кои сметал дека се несоодветни и дека за тие позиции имало подобар избор меѓу фудбалерите во Македонија или во соседството.
Рацин.мк стапи во контакт и со Миленко Неделковски кој најави дека комплетна информација за ФК Вардар во новите услови и за неговата улога, за која рече дека е клучна, ќе има за дваесеттина дена.
Рацин.мк ќе ја следи приказната за ФК Вардар во новата сезона и со новата управа и новите спонзори, бидејќи има информации дека за спонзорство за клубот се заинтересирани и други компании, но најмногу заради прашањето кое самото се наметнува а тоа е: Дали поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, како владеачка партија, да го стави за прв човек на ФК Вардар Миленко Неделковски, може да им се врати како бумеранг?
Ова прашање логично произлегува откако по првичната еуфорија на Комитите, навивачката група на Вардар, тие упатија предупредувачка порака со текст „Рибата смрди од главата, последна опомена за управата“.
Велат тешко е да се поверува, но некои наши соговорници на оваа тема предупредуваат дека на Комитите „помил им е Вардар, отколку ВМРО-ДПМНЕ“ и дека изборот на Миленко Неделковски за прв човек на Вардар ги изневери нивните очекувања и надежи дека ќе го видат „клубот на народот“ повторно на врвот и со отворен пат кон фудбалска Европа.
Интересно е и тоа дека во однос на изборот на Неделковски за извршен директор и за човек кој практично апсолутистички ги носи одлуките за ФК Вардар на сите нивоа кој за себе вели дека има клучна улога во клубот, го направи она што никој не веруваше дека ќе се случи – ги обедини и Комити Вардар и Лојал Фанс.