Имам чуство како на ѕид да му зборуваме кога говориме за бесмисленоста на националистичките провокации во Македонија, кои се случуваат од кого било кој со помош на истакнување знаме, градењето споменици или верски објекти и симболи, се обидува да прави некакво обележување на својата етничка територија.
Ѓорѓи СПАСОВ
Дали помагаат молитвите за мир меѓу Евреите и Палестинците најдобро илустрира еден новинарски запис од Ерусалим.
„Новинарите забележале еден постар човек како се моли пред ѕидот на плачот во Ерусалим. Кога завршил со молитвата го прашале за што се моли. Тој им рекол дека веќе 30 години доаѓа секој ден пред ѕидот и се моли за мир меѓу Евреите и Палестинците. А кога го прашале дали помагаат молитвите рекол: Имам чуство како на ѕид да му зборувам“.
Јас исто имам чуство како на ѕид да му зборуваме кога говориме за бесмисленоста на националистичките провокации во Македонија, кои се случуваат од кого било кој со помош на истакнување знаме, градењето споменици или верски објекти и симболи, се обидува да прави некакво обележување на својата етничка територија.
Иако тоа личи на мачките и кучињата кои одвреме на време уринираат за да ја обележат својата територија, тоа упатува на фактот дека сѐ уште постојат лица и групи кои не сфатиле што значи тоа што е запишано во Охридскиот рамковен договор и гласи:
„Не постојат територијални решенија за етничките прашања“.
А тоа значи: Престанете со разграничување и обележување на територијата и обидете се да сфатите дека сте на ист брод на иста територија на која може да се опстане и напредува само со заедничко разбирање и почитување.
Оттука, ова „мочкање“ по замислената етничка територија со крстови и споменици и не треба да загрижува кога се случува само како предизборен политички фолклор и треба да се постапува мудро со заканите од видот дека никој не смее да ги отстранува таквите белези или заканите дека законот им налага да бидат отстранети таквите обележја како дивоградби.
Подобро е во таков случај да се постапува според бавната и долга законска процедура која може да потрае и до завршувањето на изборите за потоа во мирна атмосфера да се види што вистина може да се направи без нервоза и националистички напнатости.
Во спротивно, ќе се влезе во стапицата на оние што сакаат да испровоцираат меѓуетнички конфликт, и омраза која треба да доведе до етничка и националистичка изборна мобилизиација.
На Македонија тоа денес не и е потребно.

