Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Охридско лето“: Со гостувањето на стотици врвни музички и актерски ѕвезди, фестивалот уште еднаш ги наполни очите и срцата на гледачите

„Охридско лето“ во неделата вечерта го одјави неговото 63. издание со изведбата на извонредната театарска претстава „Лагата“ на Драмски театар Белград. Античкиот театар, како и на гала-концертот на Анџела Георгиу на отворањето на 12 јули, беше преполн со љубопитни гледачи да ја видат претставата според текстот на Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, со ѕвездите Милош Биковиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и Јелисавета Теодосиќ.

Од отворањето на „Охридско лето“

Директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ во своето завршно обраќање пред повеќе од двеилјадната публика истакна дека низ изминатите четириесет фестивалски вечери одекна гласот на уметноста од древниот Охрид ширум целиот свет, потврдувајќи ја уметничката совршеност негувана и градена со години.

Наташа Поповиќ

-Реализиравме восхитувачки настани кои публиката ги проследи со огромна радост. За повеќето настани се бараше карта повеќе, бележиме 50 процентно зголемување на продажбата, а она што за нас е посебно значајно, е тоа што имаме рекордна посетеност на странската публика. Резервации се правеа од Англија, Франција, Турција, Србија, Америка, Канада, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Холандија, Унгарија, Грција, Шпанија, Португалија, Полска, Норвешка, Финска, Шведска, Русија, Белгија, Австралија, Бразил, Израел. Тоа е доказ дека силата на музиката и театарот не познава граници, рече Поповиќ.

По завршувањето на претставата, беше изгаснат фестивалскиот оган којшто гореше во текот на изминатите фестивалски вечери, а крајот на ова фестивалско издание беше означен и со богат огномет на небото над Античкиот театар.

Немања Радуловиќ

Самото наведување на уметниците, оркестрите, актерите, театрите и нивните концерти и претстави на годинешното издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава би заземало огромен простор. На петте фестивалски сцени – Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, Долни Сарај и Центарот за култура „Григор Прличев“ – продефилираа артисти за сечиј вкус. Атрактивните музичари и актери анимираа по неколку илјадна публика на настап, но секако дека „Охридско лето“ изобилуваше и со „мали“ камерни концерти за музичките сладокусци.

Почнувајќи со оперската дива Анџела Георгиу, преку настапот на виолинскиот виртуоз Немања Радуловиќ, потоа ладино, грчка, аргетинска, шпанска, француска, американска, украинска, романска, полска, словенечка, италијанска, црногорска, турска вечер, настапите на домашните музички уметници во селекција на Бисера Чадловска, несекојдневната претстава на Џон Малкович која обединува театар и опера, „Охридско лето“ понуди извонредно разновидна и квалитетна програма која го потврди неговото реноме како водечки фестивал во регионот и пошироко.

„Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ со Џон Малкович

Преатставите „Ана Каренина“ на новосадскиот театар на унгарски јазик, „Едвард Втори“ на велешкиот и пловдискиот театар, „Сергеј е многу глупав“ на охридскиот театар, “Декамерон“ на прилепскиот театар, „Нора“ на љубљанскиот градски театар… селектирани од Сања Арсовска беа онаа дополнителна димензија што ја понуди „Охридско лето“ во годинешното издание како своевиден пресек на најдоброто од сцените во регионот.

„На многаја лета“ имаат обичај да кажат организаторите на фестивалот. Охрид и фестивалот го заслужуваат тоа.

С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира