Социјалдемократите убедени дека ќе победи европскиот фронт кој ќе обезбеди членство на Македонија во ЕУ до 2030 година

СДСМ ќе ја формира новата проевропска Влада која ќе ја однесе земјата во Европската Унија и која ќе обезбеди европска иднина, убедени се социјалдемократите.

Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски во телевизиско интервју пред неколку дена рече дека европската коалиција ќе прогласи победа на претстојните избори.

-На 9-ти мај, тоа е Денот на Европа, ќе прогласиме победа на европската коалиција којашто повторно ќе ја формира европската Влада со којашто Македонија ќе стане земја членка на ЕУ, рече Ковачевски во интервју за Канал 5 Телевизија.

-Се сеќавате дека опозицијата но и голем број аналитичари велеа дека се работи за човек кој што е неискусен, оваа влада нема да трае повеќе од 3 месеци. Опозицијата рецитираше секој март, септември и декември дека ќе има предвремени избори. Јас и тогаш кажав дека оваа влада ќе го заврши мандатот во целост и дека ќе одиме на редовни избори. Тоа и се случи и еве го остваривме нашиот мандат така како што е предвидено со закон и после 2006 година прв пат имаме редовни избори. Така да после 9-ти мај тоа е денот на Европа, на истиот ден ќе прогласиме победа на европската коалиција и повторно ќе се формира европска влада со која што Северна Македонија ќе стане земја членка ЕУ, рече Ковачевски.

Дека на изборите ќе победи Социјалдемократскиот сојуз со коалицијата, убеден е и Дарко Каевски, пратеник и портпарол на партијата.

-Во овие 100 дена ќе го поразиме концептот на хорот и враќање назад којшто го промовира Мицкоски. На 8-ми мај заедно со граѓаните ќе го поразиме целиот хорор на ДПМНЕ! На слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок. А на 9-ти мај, Денот на Европа, европскиот фронт ќе прогласи формирање нова проевропска Влада којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година, рече Каевски вчера во македонското Собрание при изборот на техничката Влада.

И заменик претседателката на партијата Сања Лукаревска вели дека победата ќе ја однесе европскиот фротн предводен од СДСМ.

-Знам дека европскиот фронт ќе ја извојува победата. Очекувам европскиот фронт да има голем број на пратеници. СДСМ на чело на тој европски фронт ќе овозможи да бидеме дел од ЕУ до 2030 година. Нема поубава и поцврста симболика од 8 ми мај во пресерет на Денот на Европа, 9 ти мај, изјави Лукаревска во вчерашното издание на емисијата „Отворено студио“ на ТВ21.

Анализа на Преспа институт покажа дека владината коалиција има 96 отсто шанса да победи на парламентарните избори ако настапи заедно

Ако во овој момент се одржат парламентарните избори и ако на една страна најавуваниот Европски фронт на СДСМ (сегашната владејачка коалиција) настапи со заедничка листа, а ВМРО-ДПМНЕ настапи со актуелната коалиција, победата на изборите ќе ја однесе коалицијата предводена од СДСМ оценува анализата на Преспа институтот направена преку алатката за истражување и аналитика ЕлектоМетар.

Во Анализата на Институтот се спроведени три експерименти кои опфатиле 14.000 различни сценарија кои што разгледуваат претпоставено сценарио кога на изборите 2024 година би се појавиле 5 блокови на политички партии.

Од 14.000 сценарија во 96 проценти се прогнозира победа на коалицијата предводена од СДСМ, а само 4 проценти даваат шанси победа на блокот предводен од ВМРО-ДПМНЕ. (Центар.мк)

Треба да знаете
Moже да ве интересира