За ВМРО-ДПМНЕ националистичката реторика останува алфа и омега

Парламентарните избори на 8 мај – ќе бидат битка меѓу „херојското“ минато, митовите… и една поинаква – европска иднина.

Ова е заклучокот на политичките аналитичари со кои разговараше „Фронтлајн“ – за актуелната политичка состојба во државата и немањето конкретна опозициска понуда во однос на конкретната европска и просперитетна понуда од партиите на власт.

– Овие избори, особено во македонскиот табор, ќе бидат битка меѓу минатото полно со „херои“, митови, одбрана на „чистата“ македонска кауза… и една поинаква или европска иднина. Значи од една страна ја имаме ВМРО-ДПМНЕ која е „пијана“ пред време за власт, ја интересира како да ја наелектризира масата со националистичка реторика, без да понуди конкретна програма или понуда. Но, тоа води и до длабоки етнички поделби, бидејќи не можете во кампањата да зборувате за македонската кауза со исклучување на другите, а потоа, во случај на победа, да барате албански партнер во владата, заборавајќи на етничката кампања, вели политичкиот аналитичар Урим Салиу за „Фронтлајн“.

Од друга страна, додава тој, го имаме СДСМ, кој отворено се залага за европската агенда.

– И покрај грешките во владеењето, сепак имаат понуда во интерес на сите граѓани, подвлекува Салиу.

Новинарот и политички аналитичар Дритон Зенку вели дека оние кои ја познаваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ од нејзините почетоци, воопшто не се изненадени од ставовите што оваа партија континуирано ги генерира.

– Понекогаш се стекнува впечаток дека оваа партија ја води некое надпартиско тело кое ја одредува нејзината политичка активност. Впрочем, во партијата постои тело со име Унија на Ветерани на чело со Мане Јаковлевски. Се создава впечаток дека политичката агенда на ВМРО-ДПМНЕ потекнува од ова тело кое брои 27 членови. Лидерот на партијата може да се промени, но не и политичкиот дискурс. Националистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ е евидентна и оваа реалност не е нешто ново. Да беше поинаку, ќе беше изненадувачки. За ВМРО-ДПМНЕ алфа и омега на политичкото дејствување останува националистичката реторика, изјави Зенку за „Фронтлајн“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ во својот политички речник има конзистентен пристап и не бележи напредок од појдовните точки.

– Всушност, нивниот националистички наратив, испреплетена е со другата страна на медалионот. Големи патриоти кои крадат од својата земја и својот народ. Оваа партија владееше со државата двапати, од 1998 до 2002 година и од 2006 до 2017 година. Нула достигнувања во интегративните процеси на државата, но милиони евра во џебовите на раководството на оваа партија. Сетете се на коруптивните афери и скандали за време на нивното владеење од ОКТА во 1999 година до Скопје 2014та. Ограбуваат во име на патриотизмот и прават бизнис со непријателите, како што беше случајот со Окта и грчкиот инвеститор. ВМРО-ДПМНЕ има традиционален модел на дејствување кој го вреднува и го користи за да го држи електоратот околу себе, односно националистичка реторика. Ја најде формулата за успех и не губи време да експериментира со нешто ново, нагласи Зенку.

Од друга страна, потенцира тој, Европската агенда е главен адут на партиите на власт, но ВМРО-ДПМНЕ не се ни потруди да стекне поени од овој евроинтеграциски процес.

– Познато е дека секој компромис за придвижување на интегративниот процес го направи СДСМ, почнувајќи од 1995 година со промената на државниот симбол па се до договорите со Србија за црквата, Грција за името и Бугарија за јазикот. Кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, изби конфликтот од 2001 година и во следните години имаше сериозни меѓуетнички инциденти, почнувајќи од случајот Бродец во тетовско па се до Дива Населба во Куманово. Овие моменти ги споменав за да дојдам до заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ не може поинаку да владее, а за жал ништо не се менува, потенцира тој.

И двајцата аналитичари наведуваат дека на албанскиот политички терен се повторува истата историја на поделби. Според нив, тие се во друго политичко време и веќе не ја знаат разликата помеѓу власт или опозиција.

– Ја имаме партијата Алијанса за Албанците која е во владата и тие зборуваат како опозицијата. Превирањата избија во време кога не треба, бидејќи овие судири произведуваат тензии, но и раѓање на нови фракции, толку многу што ги имаме. Секој партиски став претседателот на ова партија Таравари требало да го искаже пред партиските органи, а не преку социјалните мрежи. Подобро е да имаме обединета Алијанса која одлучува како ќе оди на изборите отколку поделена која никому не му служи и ја намалува нивната политичка тежина, што може да донесе катастрофален резултат на мајските избори, вели аналитичарот Урим Салиу.

Според новинарот и политички аналитичар Дритон Зенку, одлуката на Арбен Таравар да оди на избори заедно со партиите од албанскиот опозициски блок не може да се смета како ненадејна одлука, кога се знае дека неговиот пристап секогаш бил спротивен со владејачката албанска партија – ДУИ.

– Арбен Таравари е релативно искусен политичар. Ако Алијансата за Албанците како политичка партија со осумгодишна политичка активност не успеа да забележи победа на национално ниво, Арбен Таравари на локално ниво успеа да го добие вториот мандат како градоначалник. Како партиски лидер, неговата одговорност е многу поголема и Арбен Таравари секако креирал стратегија за да постигне позитивни резултати, и ДУИ да го гледа во опозиција. Раздорот што се случи во партијата има цена, но со тек на време ќе се расчистат работите во Алијанса за Албанци, и ќе се види кој колку тежи. Да беше едногласна одлука како политички субјект, тежината се разбира дека ќе беше поголема. Во политиката можете да постигнете успеси, но не мора во секој потфат. Имавме политичари кои играа добро во политиката, но некои дејствија ги казнија. Можно е тоа да му се случи и на Таравари, нагласи Зенку.

Тој вели дека – епилогот во Алијасата за Албанците и епилогот од мајските избори најдобро ќе ни кажат дали Таравари направил погрешен потег.

– Голем ризик, голем профит, како теорија важи и во политиката. Како политички чекор, тоа е храбар потег и партнерите од политички табор треба да го имаат предвид овој чекор на Таравар, а не да се однесуваат како што правеа во минатото. Без разлика на епилогот од изборниот резултат, во принцип, соработката треба да продолжи и по 8-ми мај. Не можам со сигурност да кажам дали Арбен Таравари згрешил, но сепак има простор за сомневање во искреноста на другите лидери од албанската опозиција, подвлече тој.

Мандатот на актуелниот шеф на државата завршува на 12 мај, а дотогаш нема да има време да се конституира новото собрание. Затоа на 12 мај ќе има седница за инаугурирање на новиот претседател, само доколку не бидат поднесени жалби кои би можеле да го променат изборниот резултат.

Последните претседателски избори се одржаа во 2019, а парламентарните во 2020 година. Изборите на 8 мај ќе бидат 11 парламентарни од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров кој беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.

Дестан Јонузи

Преземено од Фронтлајн

Треба да знаете
Moже да ве интересира