Пратките од „Тему“ и „АлиЕкспрес“ ќе се оданочуваат со 18% ДДВ

Собранието ги усвои измените на Законот за данок на додадена вредност, со кои од следната недела сите нарачки од странство со вредност над 22 евра ќе бидат обврзани со 18% ДДВ. Законот ќе стапи во сила осум дена по неговото објавување во „Службен весник“, со што популарните платформи како „Тему“, „АлиЕкспрес“ и другите меѓународни онлајн продавници ќе се најдат под истиот даночен третман како и домашните продавачи.

Со измените се укинува досегашното ослободување од ДДВ за мали пратки до 22 евра кога се работи за комерцијални нарачки испорачани од странство. Исклучок ќе останат само мали пратки од некомерцијален карактер – од физичко лице до физичко лице – чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не важи за категории како алкохол, парфеми, тутун и тутунски производи.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, пред пратениците истакна дека целта на измените е воведување појасна правна рамка, спречување злоупотреби и создавање пофер услови за домашните мали бизниси кои досега биле ставени во нерамноправна позиција во однос на странските онлајн продавници.

Законот доби поддршка од 59 пратеници, додека 12 гласаа против. Новите правила ќе значат дополнителен трошок за купувачите, но и поголема наплата на даноци и потенцијално зајакнување на конкурентноста на домашниот пазар.

Зачлени се на нашиот е-билтен