Ковачевски: Одговорноста има име и презиме, нема исклучок за никој

Ние во 2008 година влеговме во процес на антиквизација, место во европеизација. Наместо да одиме 100 години напред, ние отидовме 2300 години назад. Тој процес нè изолираше и раскара со сите соседи и не донесе ништо добро за државата, ни во економска смисла немаше напредок, а во демократска смисла имавме уназадување, европските извештаи укажуваа на заробена држава, посочи Ковачевски

„Одговорноста има име и презиме, а неказнивоста може да роди ново насилство. Минатата година пред Собранието беа поставувани гилотини за мене, се фрлаа молотови коктели врз МНР, се правеа јавни судења, што во едно нормално, демократско општество не може да биде стандард. Прашав кои се тие што тоа го направија, дали се процесирани и какви казни добиле, одогвор се уште немам“, рече премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека на социјалните медиуми има и фотографии со пушки и директни закани по неговиот живот, има листи за отстрел, но нема разрешници и казни.

„Не сум само јас, и другите политичари имаат исти закани. На истото се жали и претседателот на опозицијата. Погледнете што се случува на жени политичарки, погледнете какви радикални емисии се прават по Јутјуб, Фејсбук итн. Одговорноста има име и презиме, ако не казните нешто кое е за казнување, тогаш тоа може да предизвика ново насилство“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека системот мора да функционира и на идентификација и на казнување согласно законите без никакви исклучоци, бидејќи исклучоците прават проблеми.

„За мене имате човек кој со пушка во рака на социјални медиуми прети дека ќе ме убие. Чекам да видиме што се случило со тој човек. Тој има име и презиме, од Северна Македонија е. Немам информација. Кога тоа ќе помине неказнето, утре друг ќе си каже, чекај ова неказнето помина ќе направам и јас“, рече Ковачевски.

„Ние во 2008 година влеговме во процес на антиквизација, место во европеизација. Наместо да одиме 100 години напред, ние отидовме 2300 години назад. Тој процес нè изолираше и раскара со сите соседи и не донесе ништо добро за државата, ни во економска смисла немаше напредок, а во демократска смисла имавме уназадување, европските извештаи укажуваа на заробена држава“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека сега во Брисел имавме најјасен заклучок од 2005 година до денес – дека Северна Македонија успешно го заврши скринингот и дека штом ќе ја заврши обврската за уставните измени, без одлагање ќе биде свикана втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата.

„Празен гол, пенал, кој заради опозицијата ние не го шутиравме. Нема дополнителни барања, сите хистерии дека ќе го изгубиме јазикот, ќе се бугаризираме, асимилирами ги нема“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека тоа што го прави опозицијата е само замена на тези и бегање од реалноста.

„На нас ни се повтори 2008 година од истите луѓе и политички парии кои тоа време беа против зачленувањето во НАТО и продолжување на евроинтеграциските процеси. Без аргумент и алтернатива велат само ние сме против“, рече Ковачевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира