Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Силикони на нацијата

Какви силикони си натнаа „граѓаните“ на Нашата земја, се гледа од изгласувањето на сопствените лажговци. Да изгласаш во толкав број „најнационални“ партии, а да продуцираш толкава анти-целност (полошо од бесцелност), назадност и меѓународна нестабилност на Нашата земја споредено со Северна Македонија, и тоа уште неседнати – значи само едно: Дека првенците, водачите, партиите кои сега за сите колективно (национално!) сносат одговорност, немаат национална идеологија.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во оваа Наша земја многу тешко опстанува патриотизмот како идеал. Она што би можело да се смета за навистина патриотски, веќе некое време не е тоа, туку поблиску би било до космополитизам. Па, кога патриотот ќе го сфати тоа, се иселува од Нашата земја или пак, го третираат како еднорог во неа, со потенцијал за два рога. Оние, пак, кои се нарекуваат „патриоти“ вриштејќи го тоа низ кутлешите, орлите и другите вмровски + албански иконографии – не се патриоти. Тие се сите ќосевидни изолационисти или хонорарни патриотари „на батерии“, без орган во главата кој би им дал можност да бидат граѓани на светот. Со тоа, автоматски, бидејќи не се граѓани на светот, тие не се граѓани ни на Нашата земја, ни на Северна Македонија. Не можеш да бидеш граѓанин на ниедна земја ако мораш да си ги пресметуваш критериумите, проценките и односот кон другите зависно од нивната афилијација кон разни групи [„…овој од вмро е директор, го сменаја некни…“] или култури, или зависно од некоја означена националност (албанска и македонска во Нашата земја, сфатени како дисјунктни). Оваа внатрешна принуда за специјализирање на својот однос е знак дека не постои за него универзална споделена моралност и вредности на човечко ниво и не му паѓа на памет да соработува без да се испазари до следно ниво на контакт. Односно, колективното добро му е апстракција која не може да ја опфати на ниедно ниво повисоко од фамилијата, пријателите или најмногу – партијата. А партијата е далеку, далеку од нација, која во нашиов случај морфира дури и во антипод на нацијата. Страно тело заради изолационизмот, не-граѓанство заради анти-респектот + дискриминација кон различностите од било која природа, просто, анти-националност која ја киднапира националноста.

Партијата е далеку, далеку од нација, која во нашиов случај морфира дури и во антипод на нацијата. Страно тело заради изолационизмот, не-граѓанство заради анти-респектот + дискриминација кон различностите од било која природа, просто, анти-националност која ја киднапира националноста.

Националното чувство не оди само со декларирање, исто како љубовта, како личниот идентитет. Всушност, оние кои се склони да не го декларираат, особено не со викање и иконографии, има поголеми шанси да се националисти од нормалниот тип, или дури и патриоти – еднорози. Другото е сѐ лажно, како силикони. Но, очигледно е веќе, желбата за силикони преовлада, што Нашата земја ја прави еден фрагментиран полиморф без очи и без колективна волја – својства што навлегуваа(т) и во институциите, јасно, со електрично партиско и затоа анти-национално пумпање. Затоа институциите наликуваат на растворена верзија од своите аналози во светот, а да не зборуваме колку се разводнети (и уште се разводнуваат) во однос на нивната функција според уставниот идеал. Без очи е затоа што ни на пониско колективно ниво нема поим што му е националниот интерес – не го гледа од пазарлуците на простата, привремена самоисхрана – истото што е, всушност, и база за „ние-против-вие“ – динамиката и за најситната афилијација или маргина.

Својството за самоодржување, класична карактеристика на едно национално тело, ни има тешка фрактура, во несвест е, скоро го снема. Само декларативно го има, како кај тригодишно дете, бидејќи е заменето со зараза од комплекси на супериорност на именувана „етничка“ основа. Не е ни вистински етничка, туку според она што се пушта во етер – проблемот е во трудот околу јазичната бариера – едните го „потрошиле“, а другите не го „даваат“. На прагот на ВИ-симултан автоматски преведувач, кога не мораш ни да знаеш кој јазик го зборува другиот! Но, ни тоа не е проблемот суштински, бидејќи ефектот на „сложни калуѓери“ не е невидлив за никого. Проблемот е што оние кои сакаат да бидат граѓани (не ќосиња, не на батерии) – ја таргетираат сложноста, а не „мрсењето во петок“!

Какви силикони си натнаа „граѓаните“ на Нашата земја, се гледа од изгласувањето на сопствените лажговци. Да изгласаш во толкав број „најнационални“ партии, а да продуцираш толкава анти-целност (полошо од бесцелност), назадност и меѓународна нестабилност на Нашата земја споредено со Северна Македонија, и тоа уште неседнати – значи само едно: Дека првенците, водачите, партиите кои сега за сите колективно (национално!) сносат одговорност, немаат национална идеологија. Групната кохезија која однадвор се држи со сликички, слогани и плукање – не е национална, туку во својата срж се должи на авто-инволвирана тесна егоистика, која барем да беше прикриена! Оние кои ги изгласаа, мислеа дека се национално супериорни, а тоа да ти било само проектиран комплекс на супериорност. Дим, балони, илузија која магионичарите на сцената ја изведоа, убаво си ги наплатија билетите и пуштија вода.

Националниот идентитет како социјален конструкт би требало да обезбедува кохезија и стабилност преку споделени човечки вредности, хумани и инклузивни тежнеења, мотивирање за придонес кон колективното добро, а одбраната од напади да биде интелигентна и „ласерски“ точна! Но, овие магионичари влегоа во самиот социјален конструкт на националниот идентитет и го растурија како ѕвечка со неинтелигентна „одбрана“ еднаква на привикување на неволји за нацијата, бидејќи „одбранава“ е неуставна, егоистична, лична (во принцезно-беговска форма) и не е на место – паметниот не го ексклудира корисното, а го инклудира штетното! Да, до таму е отидена работата – што е добро, а што е лошо за нацијата да не се знае. Да се меша со бендисување и небендисување. Дури е и толку се анти-национални преземените дејства што не спаѓаат ни во индоктринација. А би можело да биде барем тоа, бидејќи не им е туѓо изнасилувањето: Индоктринацијата е некритичко, сосила туркање на учења и идеологии во мозокот на луѓето. Во нашиов случај, се работи за „учење“ напамет на нешто многу помалку интелигентно од идеологија –  сосила втурнување површни иконографии, слогани, врзување на Нашата земја со бездржавноста на почетокот на 20-ти век како со мастика што се тегне, а ваму бришење на НОБ, СФРЈ – Социјалистичкиот период – Социјалистичка Република Македонија. Социјалистичките принципи ја содржеа универзалната моралност – од најапстрактната, најголемата група – нацијата, до најмалиот колектив и поединецот. Прекинот, бришењето е со јасно отсечување направен во образованието, медиумите му дадоа резонанс, а институциите колабираат во растргнатоста меѓу моралноста на нивната јавна функција (во континуитет од социјализмот!) и наметнатата полиморфна лигавштина од моќното партиско поединечно.

Тој прекин во континуитетот најблиску во времето, го отстранува јадрото на македонскиот национален идентитет, а не го зајакнува како што се преправа. Ако некој мислел како да се отруе еден национален идентитет, тогаш тоа е точно прекинот со најнепосредното минато, бидејќи се манипулираат живите луѓе, носителите на националноста. Мртвите се врамуваат во „сѐ најдобри“ супериорни наративи, но тие се увеличени до точка живите да се бараат под микроскоп. А зошто е претераната магнификација? – За да послужи како завеса на егоизмот, несолидарноста, неинклузивноста, итн., за да ги скрие сите анти-кохезивни (вперени кон нацијата), себични претензии на партиите кои сосила се наметнуваат како „национални“! Претензиите, пак, пречесто – банално материјални…  

Кога чувството на националност е во конфликт со пошироката верба во човештвото, хуманизмот и алтруизмот, тоа креира тензија, поединечно, во мали групи, па во сѐ поголеми и поголеми групи. Манифестацијата на таа  тензија кај нас главно се состои во растргнатоста меѓу етноцентризмот и универзализмот  – јасно, не во секого поединечно, но колку се поголеми групите, по правило, чувствуваат поголема одговорност за примена на универзалните принципи, да се одржат функциите спротивни од дискриминациите. Но, тензијата од конфликтот меѓу националното и човечкото универзално во Нашата земја се смирува преку форсирање на лажното чувство на националност, поточно низ лагите, површностите за националноста, комплетно одлепувајќи ја од хуманистичките принципи. Тоа притиска во сѐ поголемите групи да ги отфрлаат универзалните принципи според кои воопшто се вбројуваме во човештво и да ги прифаќаат лажните национални маркери како принципи. А големите групи – партии многу влијаат на институциите преку кои државата функционира.

Не случајно притисокот на изолационистите во секоја таканаречена „националистичка“ група, насекаде,  е на интелектуалата и на други можни волонтерски групи, како и на врбувањето на донатори за натамошно фрагментирање, ексклузија и слепило. Додека сите не се претопат во некоја нечовечка маса што себеси си се нарекува со некое „национално“ име.

Така, партиите кои се нарекуваат националистички (или дури и како Левица или ЗНАМ кои безврска фаќаат националистички нишки), радикално го исмеваат моралниот универзализам сметајќи дека доволно е тие сами, физички да опстојат, со цел институциите, па и државата, да бидат така „национални“ како нив. Со овие избори можеби и се уверени во точноста на тоа „решение“. Универзализмот може да се згази, според „националистите“, бидејќи тој им изгледа како некоја социјалдемократска варијанта – пропишаниот „непријател“! Тоа автоматски ги прави сите таканаречени „националисти“ – ултрадесничари, но полошо од тоа, изгубени во магла, без универзалност на принципите, нихилистички, бесцелно, прилично неодржливо.

Но, и самите социјалдемократи не треба да заборават, односно да си ја вратат свеста дека тие се нафатиле да ја решаваат тензијата меѓу националното и универзалното на правилен начин – дека преку универзалните вредности, инклузијата кај што треба (социјалните политики и економските мерки најмногу), а ексклузијата кајшто треба (неодлучни беа по ова прашање) – се заокружува националното. Да не се заразуваат и тие со антиалбански реторики, или од албанските партии – со антимакедонски – тие спаѓаат во неодржливите „решенија“ на тензијата меѓу вредностите и слоганите, оригинално измислени или прилагодени за во Нашата земја – од страна на  ВМРО-ДПМНЕ.

Притисокот за некритичка, необмислена ексклузија тргнувајќи од поединечното (од небендисување), па нагоре кон сѐ поголеми групи кој изолационистите го прават, бара енергија и ресурси, но си има олеснување заради обезбедениот помал „отпор“ од неедуцираноста – недоволната едукација работи на линија на помал отпор. Од друга страна, повторното имплементирање на универзалните вредности, дали низ едукација, дали со институционални мерки, исто така бара ресурси, како што видовме во најосновна варијанта во претходниот период низ социјалните политики и економските мерки, меѓутоа тие вредности човештвото ги негува и бара. Затоа и се јавуваат волонтери кога универзалните вредности се во прашање, кои олеснуваат малку околу ресурсите. И се знае дека заради таа аура – секогаш претежнуваат, како што вистината претежнува над лагата. Така, не случајно притисокот на изолационистите во секоја таканаречена „националистичка“ група, насекаде,  е на интелектуалата и на други можни волонтерски групи, како и на врбувањето на донатори за натамошно фрагментирање, ексклузија и слепило. Додека сите не се претопат во некоја нечовечка маса што себеси си се нарекува со некое „национално“ име. Но, не оди тоа така. Искрено се надевам дека и старо-новото ВМРО-ДПМНЕ ќе разбере конечно, и ново-стариот СДСМ ќе го освести ова повторно…

Moже да ве интересира