Повеќе од 500 предлози за нови македонски зборови пристигнале на годинашниот конкурс на „Зборци“, а три од нив ќе бидат избрани за победници на манифестацијата „Зборотворба на годината 2026“, закажана за 12 септември во 19 часот, во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Целта е преку игра, музика и творештво македонскиот јазик да се врати во секојдневниот живот.
Предлозите ги испраќале граѓани кои создавале нови зборови, им давале значење и покажувале како би се употребувале во реченица. Организаторите ќе бараат зборови што се креативни и звучни, но и доволно практични за природно да влезат во секојдневниот говор.
За победниците ќе одлучува жири составено од луѓе од различни области. Во него се професорките Илина Јакимовска и Станислава Сташа Тофоска, раперот и текстописец Никола Трпески, театарскиот режисер Дамјан Читкушев и Виктор Бучковски од „Зборци“.
Манифестацијата нема да се сведе само на избор на зборови. Програмата ќе ги поврзе јазикот, музиката и разговорите за секојдневната комуникација, вклучително и за озборувањето како една од најстарите форми на размена на општествени информации.
На сцената ќе настапат повеќе од 50 музичари и уметници од различни генерации. Меѓу најавените учесници се Лидија Кочовска, Женскиот младински хор при МКЦ, „Животни“, „Маратонците“, ВецВајсВерс, како и Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар.
Од „Зборци“ оценуваат дека македонскиот јазик се наоѓа во институционален застој и дека грижата за него премногу често останува само на хартија. Тие најавуваат погласно учество во јавните разговори за примената на Законот за употребата на македонскиот јазик и за одговорноста на надлежните институции.
Иницијативата подготвува и работилници за деца, како и караван низ Македонија кој треба повторно да ги доближи до јавноста дијалектите, локалните говори и заборавените архаизми. Амбицијата е барем дел од избраните зборови да се слушнат во автобус, на факултет, во кафеана или во секојдневна порака.

