Смеење до солзи со „Секстет“ на НУ Народен театар Битола на годинешното издание на фестивалот „Денови на комедијата“

„Денови на комедијата“

На сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово вчеравечер одекна силен и долг аплауз за екипата на НУ Народен театар Битола, која со својата изведба повторно ја воодушеви и ја насмеа до солзи публиката која ја исполни салата до последното столче.  „Секстет“ и овојпат покажа дека добрата комедија не познава граници – се игра, се чувствува и се споделува со публиката.

„Од срце му благодариме на организаторот на фестивалот „Денови на комедијата“ за поканата, прекрасното добредојде и гостопримството. До следната средба – со уште многу смеа, аплаузи и театарски моменти“, истакнуваат од Битолскиот театар.

Претставата „Секстет“ секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, па така и овојпат салата беше исполнета со публика која ги награди актерите на Битолскиот театар со долготрајни аплаузи.

Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај.

Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни. Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи. Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме.

Во претставата играат: Бернар – Николче Пројчевски, Жаклина – Катерина Аневска Дранговска, Роберт – Александар Димитровски, Сузан – Сандра Грибовска Илиевска, Сузет – Анастасија Чипуровска, Џорџ – Борче Ѓаковски.

Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски.

29.издание на Фестивалот оваа година се одржува од 23 септември до 5 октомври. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот.

Фестивалот ќе биде затворен со претстава надвор од конкуренција, посветена на годинашниот лауреат Игор Џамбазов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?