Полицијата во изминатото деноноќие лишила од слобода 13 возачи на различни локации низ државата, поради сомнение за кривичното дело „безобѕирно управување со возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи. Осуммина од нив управувале возило без положен возачки испит.
Меѓу осумтемина се и тројца малолетници: двајца на возраст од 16 години, од Камењане и Тетово, и 17-годишник од Добридол. Останатите возачи без положен испит се од Волково, Прилеп, Македонски Брод, Куманово и Камењане.
Според МВР, четворица од приведените возеле под дејство на алкохол: еден од Велес, еден од населбата Илинден и двајца од Скопје. Приведен е и 24-годишен скопјанец кој управувал автомобил иако имал активна забрана за возење возило од Б-категорија.
Од Министерството најавуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
