Општините без обврска за инспектори: Граѓаните без заштита од узурпации

Граѓаните низ целата држава се оставени без системска заштита од дивоградби, депонии и комунален хаос, бидејќи општините во Македонија во моментов немаат законска обврска да формираат сопствени инспекциски служби, објави Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ). Во новата анализа изработена во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, експертите нотираат дека наместо строго дефинирани правила, контролата на терен директно зависи исклучиво од политичката волја на локалните власти.

Оваа правна празнина во секојдневието значи дека доколку жител на одредена општина пријави узурпација на јавен простор, депонирање опасен отпад или бучава од угостителски објект, општината воопшто не мора да има овластено лице што ќе излезе на увид. Иако општините имаат законска можност да вработат инспектори, непостоењето на задолжителен минимум создава огромни разлики меѓу поголемите градови и помалите рурални средини, каде што инспекциски надзор практично и не постои.

Дополнителен удар врз квалитетот на контролата нанесе новиот Закон за инспекциски надзор од 2025 година, со кој целосно се укина дотогашниот систем на лиценцирање. Денес секој кандидат може да стане инспектор само со уверение за положен општ испит, без оглед на сложеноста и спецификата на дејноста, што отвора ризик на терен да одлучуваат лица без соодветна стручна поткованост за градежништво или животна средина.

Правната несигурност се продлабочува и со фактот што статусот и правата на овие службеници истовремено се регулирани со три различни закони, односно Законот за административни службеници, Законот за работните односи и Законот за инспекциски надзор. Во таква состојба на преклопување на прописите, самите инспектори се подложни на политички притисоци, немаат соодветна правна заштита при постапувањето и често се судираат со нејасни надлежности при изрекувањето на глобите.

Во обид да воведе ред, државата формираше Колегиум на директори на државните инспекторати, но овој орган во својот состав сè уште нема правно загарантирана застапеност на локалните служби. Поради ваквата изолираност, општинските и државните инспекции често дејствуваат некоординирано, префрлајќи си ја топката при сериозни еколошки инциденти или урбанистички прекршувања кои директно влијаат врз безбедноста и здравјето на граѓаните.

„Постоечките системски недоследности, терминолошки неусогласености и кадровски дефицити во општините сериозно ја загрозуваат ефикасноста на локалниот инспекциски надзор на терен.“

За да се надмине состојбата, авторите на анализата бараат итни законски измени со кои ќе се пропише задолжителен минимум на инспекциски служби во секоја општина за областите градежништво, комунални дејности, животна средина, сообраќај, образование и заштита и спасување. За помалите општини кои немаат буџетски капацитет, се предлага формирање заеднички меѓуопштински инспекторати и враќање на строгите критериуми за лиценцирање.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?