Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Арнаудова: Треба да создадеме општество на продуктивни луѓе кои нема да бидат товар на државата

Соња ТАНЕСКА

Со создавање на здружението „Проект Среќа“ пред девет години, Кристина Арнаудова го заокружи својот животен повик – да помага на децата и семејствата во социјален ризик. Оформено на 31 декември 2015 година, здружението е симбол на солидарност и емпатија, посветено на поддршка на најранливите категории.

„Секогаш сакав да се занимавам со хуманитарна работа, уште од младоста. Имав многу идеи како да им се помогне на децата и луѓето во социјален ризик – да им се даде поттик за да се вратат на вистинскиот пат,“ изјавува Кристина Арнаудова.

Во деветтиот месец од бременоста со своето второ дете, таа го регистрирала здружението, следејќи ја својата визија за посветеност на хуманитарната работа.

За Кристина, среќата е во малите нешта.

„За оние во тешка животна ситуација, среќа е да добијат основни нешта – пелени, храна за бебето. Малите работи носат голема среќа,“ вели таа. „Трчањето по материјални нешта не прави несреќни на долг рок. Треба да научиме да се радуваме на малите работи.“

Еден од најважните аспекти на „Проект Среќа“ е мотивацијата и поддршката за децата да успеат.

„Не е доволно да им дадеме храна или ранци, туку да им дадеме љубов и верба дека можат да постигнат многу. Еден пример е дете што имаше три тренинга на ден, но немаше превоз. Купивме велосипед за да стигне на сите активности. Денес, тоа дете е успешен спортист,“ раскажува Арнаудова.

„Најголем дел од донациите кај нас доаѓаат од обичните луѓе,“ објаснува Арнаудова.

„Компаниите сè уште не ја разбираат целосно општествената одговорност па многу често донираат во државните институции, заборавајќи дека тие се финансираат од буџетот и дека всушност тоа им е работа. Но, обичниот граѓанин често ја покажува својата солидарност.“ Таа потенцира дека со години се гради доверба кон организациите кои вистински помагаат, како „Проект Среќа“.

„Многу деца кои беа дел од нашите проекти денес се успешни луѓе – студенти на врвни универзитети, врвни атлетичари и уметници,“ гордо раскажува Арнаудова.

„Идејата е не само да се даде помош, туку и мотивација, љубов, и верба дека можат да успеат. Еден ваков проект за вклучување на децата и младите во општеството е од клучно значење. Иако можеби мислите дека вашата донација е мала, таа има моќ да им помогне на овие деца да станат продуктивни и среќни граѓани, кои ќе имаат свои цели и кои утре нема да бидат товар на ова општество. Целта на секое здружение кое работи во оваа област треба да биде токму тоа — да не даваме само еднократна помош. Во ред, еднократната помош е понекогаш неопходна, но клучно е како да создадеме услови на долгорочен план, за овие деца и младинци да станат продуктивни членови на општеството, вели таа.

Посебен акцент „Проект Среќа“ става на помош за децата од рурални средини, каде што можностите се многу ограничени.

„Тие деца се во најтешка ситуација. За нив секојдневно се бориме да обезбедиме облека, храна и средства за образование,“ објаснува Кристина.

Таа вели дека нивната желба е овие деца, а и возрасни да не бидат социјални случаи или товар на државата.

-Ние сакаме тие да бидат образовани, среќни луѓе кои ќе сакаат и ќе можат да допринесат во ова општество. Но, за жал, ова е нешто за што многу малку размислуваме. Кога ќе разговараме за ова со луѓето кои се на позиции на моќ да го променат, многу од нив признаваат дека воопшто не размислуваат за оваа тема. Проблемот е голем, бидејќи во моментот има огромен број на семејства во социјален ризик, а нивните деца се потенцијални возрасни луѓе кои може да завршат во слична ситуација. Ако тие не добијат соодветно образование и мотивација, ризикуваме да го зголемиме бројот на луѓе во социјален ризик, вели Арнаудова.

Арнаудова апелира за поголема активност од јавните личности во хуманитарните акции. „Тие можат да ја подигнат јавната свест и да инспирираат други да се вклучат. Во светот, многу големи хуманитарни организации се водени од познати личности. И кај нас тоа е важно.“

-Затоа, нашата цел треба да биде да создадеме земја полна со продуктивни, образовани луѓе, а не да ги правиме овие деца и млади во социјален ризик. Тоа е магичен круг кој треба да се затвори. Ние сме малечко здружение и не можеме да направиме огромни промени, но би сакала да можевме да имаме поголемо влијание. За жал, немаме доволно поддршка од другата страна. Во нашата земја има многу иницијативи, но многу малку внимание се посветува на оваа тема. Тоа е, по мое мислење, најголемиот проблем, иако често не се гледа како таков. Во многу проекти, не постојат категории за деца во социјален ризик, а ние немаме каде да аплицираме за овие деца. Често мораме да се потпираме на компаниите и донаторите, што за нас е многу тешко, додава таа.

„Проект Среќа“ не е само здружение, туку движење кое инспирира промени и ја зголемува солидарноста. „Ова е моето трето дете, но најважно е што сме тим – волонтери, граѓани и целото општество кое ја поддржува оваа мисија,“ заклучува Кристина Арнаудова.

Зачлени се на нашиот е-билтен