Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод еден од најголемите верски празници, Курбан Бајрам, до сите припадници на исламската вероисповед, до поглаварот на Исламската верска заедница во земјата, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи и до членовите на Ријасетот и на муфтиствата.
Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка им посакува на припадниците на исламскта вероисповед празничните денови да ги поминат во слога, хармонија и благосостојба помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и разбирање.
– Курбан бајрам, празникот кој се темели на солидарноста и дарежливоста, нека биде поттик на сите граѓани за заедничко надминување на предизвици во нашето мултиетничко општество. Во духот на празникот Курбан бајрам, да продолжиме да ја градиме нашата држава на темелите на разбирањето, соживотот и грижата за другиот, се вели во честитката на претседателот Пендаровски.
Од име на пратениците во Собранието, како и од негово, собранискиот претседател Талат Џафери на сите припадници на исламската вероисповед им изрази честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам, со надеж дека празникот ќе ги најде во добро здравје, душевен мир и семејна топлина, каде и да се празнува.
– Курбан Бајрам e празник на солидарноста и сочувството, празник на широкоградоста и простувањето. Во ова време на премрежија низ кое поминува и целото човештво и нашата држава, да не дозволиме сами и осамени да поминуваме низ сопствените и туѓите битки и предизвици. Да го славиме заедно животот и да ја градиме заедничката иднина, затоа што сите сме неотуѓив дел од ова тло. Честит Курбан Бајрам и многу години да го празнуваме, се наведува во честитката на Џафери.
Во пораката со честитки по повод птразникот претседателот на Владата, Димитар Ковачевски истакнува дека „одбележувањето на овој празник, кој е симбол на солидарноста и благосостојбата, е во духот на нашиот вековен соживот кој го градиме со генерации“.
– Празникот Курбан Бајрам сите нас нè потсетува на значењето и големината на споделувањето, љубовта кон блискиот и взаемната почит, се наведува во честитката на премиерот, објавена од владината прес-служба.