Најавата за изградба на новиот Луна парк во Скопје повторно потсетува само на ветување и најави, додека просторот во Градскиот парк и натаму наликува на запуштено буниште наместо на современ забавен комплекс каков што со години им се ветува на скопјани.
Иако актуелниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веднаш по преземањето на функцијата во ноември 2025 година најави дека „конечно започнува реализацијата“ на Луна паркот, градежни активности на терен сè уште нема.
Во декември минатата година беше објавено дека Градот ја започнал јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк, со амбициозни најави за модерен забавен комплекс на површина од 84.000 квадратни метри, со ролеркостери, водени атракции, панорамско тркало, виртуелна реалност и други реквизити.
Ѓорѓиевски тогаш тврдеше дека со ова се става крај на „години оддолговлекувања и лажни ветувања“, директно алудирајќи на периодот на неговата претходничка Данела Арсовска, во чиј мандат проектот практично беше замрзнат.


Најновата, помпезна најава ја слушнавме пред две недели, но градежна активност на терен нема. Има само биниште сред паркот, омиленото и единствено место на скопјани за секојдневе одмор и рекреација.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека новиот забавен парк во Скопје, на местото на стариот Лунапарк во Градскиот парк ќе чини 10 милиони евра. Град Скопје склучил договор за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавниот парк со партерно уредување и пропратни објекти. Како што е објавено на страната за Бирото за јавни набавки договорот е склучен со фирмата „Мастеф“ ДООЕЛ од Скопје.
Новиот лунапарк ќе се гради на поголема површина од стариот односно ќе се прошири и на местото каде што беа летните дискотеки во Градскиот парк, кои пред два месеци беа урнати.

Во претходните четири на Арсовска, и покрај постоечкиот проект од времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, не беше направен суштински чекор кон реализација на Луна паркот, што кај граѓаните создаде чувство дека уште една голема градска идеја е оставена во заборав.
Но, и по помпезните најави на новата градска администрација, ситуацијата на терен засега останува непроменета. Просторот во срцето на Градскиот парк, кој требаше да стане нов симбол на урбана забава и семејна рекреација, денес е обраснат, раскопан и полн со отпад. Наместо детски џагор и атракции, посетителите на паркот секојдневно се соочуваат со запуштена слика која дополнително го нагласува впечатокот за институционална негрижа и хронична неспособност за реализација на капитални проекти.
Во меѓувреме, незадоволството кај граѓаните расте. На социјалните мрежи и форумите, Луна паркот сè почесто се споменува како симбол за неисполнети ветувања на градските власти и дека политичките пресметки и административните застои постојано ги блокираат ваквите проекти.
