Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Граѓаните ниски цени ќе бараат на Интернет – Пратениците ги изгласаа измените

Собранието на денешната 35. седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, со кои се очекува поголема транспарентност во формирањето на цените, подобрување на конкурентноста и потенцијално намалување на цените во маркетите.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека измените се донесуваат во интерес на граѓаните и нивниот стандард. Тој нагласи дека, иако некои опозициски пратеници го критикувале законот, на Комисијата за економски прашања не биле поднесени амандмани.

– Граѓаните ќе можат подобро да одлучат каде да ги трошат своите пари, бидејќи е неприфатливо да имаме цени во маркетите што се повисоки од оние во некои земји-членки на ЕУ. Очекуваме оваа мерка да доведе до намалување на цените – изјави Стојановски.

Пратеничката Драгана Бојковска истакна дека измените ќе ја зголемат конкуренцијата меѓу трговците, бидејќи објавувањето на цените на веб-страниците и рафтовите ќе им овозможи на потрошувачите лесно да ги споредуваат. Законот се однесува на малите, средните и големите трговци, додека микротрговците се исклучени.

Пратеникот Тони Јаревски додаде дека целта е зголемена транспарентност и заштита на потрошувачите, а инспекциските служби ќе имаат надлежност да вршат контроли доколку се забележат несогласувања во цените.

Со новите измени, трговците ќе бидат обврзани редовно да ги објавуваат цените на своите веб-страници, а оние со повеќе продажни објекти ќе мора да ги наведат цените за секоја локација посебно. Законските измени предвидуваат и казни за трговците кои нема да ги почитуваат овие одредби.

Сличен закон неодамна беше усвоен и во Хрватска, каде што трговците се обврзани не само да ги објавуваат и ажурираат цените, туку и да обезбедат дигитални алатки за споредба на цените во реално време.

На истата седница, Собранието ги усвои и измените на Законот за минерални суровини, кои се однесуваат на распределбата на концесискиот надоместок за експлоатираните минерали.

Зачлени се на нашиот е-билтен