„Функциите се минливи, но вредностите остануваат“ – вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во интервју за Фронтлајн, нагласувајќи дека борбата за еднаквост, социјална правда и европски вредности не смее да зависи од избори или функции.
Според неа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја втурнува земјата во сиромаштија и изолација, додека троши народни пари на луксуз и промашени патувања. Костова обвинува дека Владата намерно ги блокира европските интеграции и ја претвора Македонија во „тажна приказна на Балканот“.
Од друга страна, СДСМ, вели таа, нуди конкретна алтернатива: зголемување на минималната плата на 500 евра, намалување на трошоците за живот, борба против корупцијата и деблокирање на евроинтеграциите. Костова најавува дека партијата е отворена за коалиции со сили што се залагаат за социјална правда, но не и со „оние што престојуваат во Белата палата и промовираат политики на изолација и омраза“.
Во пресрет на локалните избори, СДСМ ќе се фокусира на решенија за секојдневните проблеми на граѓаните, борба против криминалот и зголемување на квалитетот на јавните услуги. Според Костова, владеењето на ДПМНЕ на локално ниво било обележано со фушерај и злоупотреби, а граѓаните сѐ почесто го препознаваат тоа.
На прашањето за внатрешнопартиски дебати околу родовата еднаквост, таа одговара дека во СДСМ секогаш имало простор за различни ставови, но дека правата на маргинализираните не смеат да бидат жртвувани поради нечии политички калкулации.
„СДСМ се враќа со визија и со решенија. Потребна е обнова, но и цврст став – за еднаквост, за иднината во Европа, и против оние кои владеат преку поделби и страв“, порачува Костова.
Целото интервју на Фронтлајн