СДСМ денеска упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и јавниот обвинител Ненад Савески, обвинувајќи дека обвинителството е под директна политичка контрола на власта.
Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека Мицкоски постојано му диктирал задачи на обвинителот Савески и дека, како што наведуваат, „врти-сучи постојано му дава насоки и наредби“.
„Како што му диктираше насоки по телефон, како што му делеше задачи од собраниската говорница и од телевизија, сега нова наредба од Мицкоски до Ало Савески – и тоа на празник“, се наведува во реакцијата на опозициската партија.
Од СДСМ оценуваат дека последните изјави на премиерот претставуваат, како што велат, „скандалозна нарачка“, посочувајќи дека со тоа дополнително се потврдувало влијанието на извршната власт врз правосудните институции.
„Има ли некого во земјата на кого не му е јасно дека судството и обвинителството се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група?“, прашуваат од партијата.
Во соопштението се наведува и дека токму поради, како што тврдат, нефункционалното и зависно судство, државата е заглавена во реформите и со блокиран европски пат.
СДСМ обвинува дека Владата не сака независно судство и Европско јавно обвинителство, бидејќи тоа би значело, како што наведуваат, „крај на заштитата на криминалците на власт“.
Опозициската партија тврди и дека откако Савески бил избран на функцијата, тој постојано бил „на линија“ со премиерот и постапувал по негови барања.
„Мицкоски дава наредби – Савески исполнува“, стои во реакцијата.
На крајот од соопштението, СДСМ побара јавниот обвинител Ненад Савески да поднесе оставка, оценувајќи дека тоа е „најмалку што може да го направи по овие скандалозни изјави и признанија“.
