Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк се сретна со словенечкиот премиер Јанез Јанша, а во фокусот на разговорите биле европската перспектива на Македонија, политичката и економската соработка меѓу двете земји, како и актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа и регионот.
Мицкоски по средбата соопшти дека Македонија останува посветена на европската интеграција и на реформскиот процес, но повторно го истакна ставот на Владата дека напредокот кон Европската Унија треба да зависи од исполнувањето на европските критериуми и од постигнатите резултати.
„Нашиот став е јасен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, исполнети критериуми и реални резултати, а не на нови билатерални условувања кои немаат суштинска врска со европските вредности“, наведе Мицкоски во објавата по средбата.
Според него, Македонија не бара привилегии или скратување на патот до членство, туку процес со однапред познати и предвидливи правила.
„Не бараме привилегии и не бараме пократок пат. Бараме фер и предвидлив процес во кој постигнатото ќе се вреднува, а Македонија ќе биде почитувана како држава и партнер“, порача Мицкоски.
Покрај евроинтеграциите, на средбата било разговарано и за продлабочување на билатералните односи со Словенија.
Мицкоски ја оцени Словенија како долгогодишен пријател на Македонија и важен партнер во Европската Унија и НАТО, нагласувајќи дека добрите политички односи треба дополнително да се преточат во економска соработка.
Според премиерот, интерес на двете држави е да има повеќе инвестиции и конкретни заеднички проекти кои би отвориле нови можности за граѓаните и компаниите.
Во објавата по средбата Мицкоски повтори и дека Владата нема да го врзува развојот на земјата исклучиво со динамиката на европскиот интегративен процес.
„Македонија нема да стои во место додека го чекори европскиот пат. Ќе продолжиме да ја развиваме економијата, да ги спроведуваме реформите, да ги зајакнуваме нашите меѓународни партнерства и достоинствено да ги браниме македонските национални интереси“, напиша Мицкоски.
Средбата се одржа во Њујорк, каде што Јанша престојува во рамки на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

