Баџанакот на министерот за внатрешни работи предложен за доцент со минимален просек
Стевчо Јолакоски, баџанак на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вработен во Министерството за транспорт и врски, е предложен за доцент на Факултетот за безбедност. Оваа одлука предизвика реакции бидејќи на истиот конкурс учествувале двајца кандидати со значително подобри академски резултати и релевантно искуство, објави Слободен печат.
Иако конкурирале кандидати со високи просеци и искуство во полициските науки, како најдобар студент на генерација и магистерски и докторски студии на истиот факултет, рецензентската комисија го предложи Јолакоски со просек од 8.02 на основни и 8.10 на магистерски студии.
Според приговорот поднесен од еден од кандидатите, Јолакоски нема релевантно образование или професионално искуство поврзано со полициските науки. Неговото образование е фокусирано на граѓанско право, а единствената врска со областа е докторска дисертација одбранета на Факултетот за безбедност, без претходно полагање испити во таа област.
Првиот кандидат: Најдобар студент на генерација, завршил докторски студии со просек 10, а магистрирал и на Институтот за глобални студии во Женева.
Вториот кандидат: Завршил студии со просек 9.75, магистрирал со 9.88 и докторирал во истата област, со објавени 23 научни трудови.
Јолакоски, напротив, има работно искуство исклучиво во транспортниот сектор, без никаква активност во наставно-образовната дејност или полициските науки.
Кандидатите предупредуваат дека ваквиот избор ќе ги демотивира студентите и ќе го намали квалитетот на образованието. Со ова, како што наведуваат, „се испраќа порака дека личните и политичките врски се поважни од знаењето и трудот“.
Наставно-научниот совет на Факултетот за безбедност сè уште не ја донел конечната одлука до затворањето на овој текст.