Пензионираниот судија Елјеса Алији повторно се нашол меѓу кандидатите за претседател на Основниот суд во Гостивар, иако е осомничен во корупциска истрага, а Судскиот совет уште на 13 јуни утврдил дека ги исполнил условите за старосна пензија. Алији не бил избран на седницата на 30 септември – претседателската функција му припаднала на досегашниот вршител на должноста Мирослав Петровски.
Судскиот совет соопштил дека Петровски бил еден од двајцата кандидати со навремена пријава и комплетна документација. Во постапката учествувал и Алији, но при одлучувањето било посочено дека за него веќе е донесена одлука за исполнување на условите за пензионирање.
Трета пријавена кандидатка била Драгослава Веселиновска, но нејзината документација не била комплетна бидејќи не доставила акциски план за спроведување на програмата за работа.
Името на Алији повторно го отвори прашањето како кандидатурата на пензиониран судија останала во изборната постапка и стигнала до седница на Судскиот совет. Од досега објавените информации не е јасно кога точно ја поднел пријавата и дали тоа било пред или по одлуката со која биле утврдени условите за старосна пензија.
Алији во мај беше времено оддалечен од судиската функција откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против него и против судски администратор од гостиварскиот суд. Двајцата се осомничени за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според обвинителството, во периодот од 2023 до 2025 година тие наводно побарале и примиле 8.000 евра за да влијаат врз судии во Основниот суд Гостивар и во Апелациониот суд Гостивар во врска со граѓански спор. Судскиот администратор дополнително е осомничен дека примил 800 евра за постапување по документ од извршител.
На Алији му беа определени мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на пасошот, забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавува кај надлежен орган и забрана за преземање работни активности поврзани со делото. Истрагата е во тек, а постоењето сомнение не значи и утврдена вина.
По неговата суспензија, Судскиот совет го назначи Мирослав Петровски за вршител на должноста претседател на гостиварскиот суд. Со одлуката од 30 септември, Петровски доби целосен мандат на чело на судот.
Името на Алији и претходно било поврзувано со дисциплински постапки. „Сакам да кажам“ објави дека бил казнет со намалување на платата за 15 проценти поради предмети за извршување што не биле навреме проследени и застареле, додека друга постапка за утврдување одговорност била запрена пред неговиот избор за втор мандат.
Судскиот совет истиот ден ги прифати како навремени и комплетни пријавите на Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска за претседател на Апелациониот суд Скопје. За претседател на Основниот суд Струга единствен кандидат е Танче Петревски, а изборните постапки за двата суда продолжуваат во следната фаза.

