Веќе ги влошија односите со Бугарија и Грција а на пат се да ги влошат и односите со меѓународните финансиски институции. Им останува да се држат цврсто само за Србија, Унгарија и Кина.
Ѓорѓи СПАСОВ*
Кога пиљарот на пазарот кој продава веќе расипана стока ќе почне да ве убедува дека стоката не е лоша и расипана туку вие сте расипан, лажго , пијан и тоа ви се познава по носот, тоа е познато како пиљарска логика.
Тоа е познат начин на одбрана од критика кога немате ниту еден аргумент со кој можете да ја побиете аргументираната критика заснована на факти, па користете дискредитација,
и омаловажување на оној што ви ја упатил критиката.
Најчестиот модел е во стилот; со кое право тој мене може да ме критикува, кој е тој мене да ми кажува и како може некој криминалец мене да ми кажува дека сум арамија.
Со личен напад врз личноста или партијата што критикува, критикуваниот се обидува критиката да ја направи неважна, дека таа доаѓа од сомнителен извор на кој не треба да му се верува и дека тој и не заслужува да му се одговара со аргументи.
Токму таа логика ја употребува секојдневно ВМРО ДПМНЕ во одбрана од било која критика на нивна сметка.
Последен пример е соопштението на партијата со кое реагираат на критиката од страна на СДСМ за најавата дека ќе биде земен кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра со каматна стапка од 3.25% грејс период од 3 години и отплата во рок од 12 години.
Беа јавно и љубезно прашани од страна на СДСМ, зошто тоа се прави и се објавува како добра зделка, кога е познато дека Македонија веќе користи кредити од Меѓународната банка за развој со камата од 1.5 % и сличен грејс период и период за отплата. Зошто таква зделка се договара во четири очи а не се зема кредит низ стандардна процедура, дали со кредитот превземаме или плаќаме и некоја друга обврска кон Унгарија и како на такви зделки ќе реагираат меѓународните финансиски институции, како Светска банка и Меѓународната банка за развој, со кои имаме склучено договори и кои не финансираат.
Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ на овие прашања нема ниту еден аргумент за тоа тоа зошто тие го сметаат земањето кредит под тие услови од Унгарија за добра зделка, но има цела низа обвинувања на сметка на критичарите според пиљарската логика.
Во нивното соопштение по повод оваа критика од СДСМ стои: “ВМРО ДПМНЕ со индигнација ги отфрла критиките од криминалната организација предводена од неврохирургот Филипче кој Заеви го поставија на чело на партијата”.
И нема одговор на прашањата.
Продолжуваат во тој стил, со истурање грст навреди, клетви и закани кон критичарот, сметајќи дека со тоа си ја завршиле работата.
Сметаат дека со перманентно дискредитирање на изворот и субјектот на критиката, на неа не се ниту должни да одговараат и ќе можат уште долго и среќно да си владеат , како во минатото, со својата пиљарска логика и со подршка на медиумите што ги подржуваат.
И можеби ќе можат. Еднаш веќе тоа го докажаа кога според слободата на медиумите Македонија спадна на 123. место во светот, а на сите тие медиуми ништо не им недостигаше.Само, нека не не убедуваат дека се нов тим,дека нешто промениле или нешто научиле.
Веќе ги влошија односите со Бугарија и Грција а на пат се да ги влошат и односите со меѓународните финансиски институции. Им останува да се држат цврсто само за Србија, Унгарија и Кина.
*Текстот е преземен од објавата на авторот на социјалните мрежи