СДСМ поднесе кривична пријава за водата во Гостивар против Клековски и тројца директори

СДСМ денеска поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски и тројца директори на здравствени институции, обвинувајќи ги за пропусти и ненавремено постапување во кризата со загадената вода во Гостивар.

Пријавата, како што соопшти членот на Извршниот одбор на СДСМ Јон Фрчкоски, се однесува и на директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и директорот на Центарот за јавно здравје Тетово, Шпенди Амети.

Од опозициската партија тврдат дека постојат сомнежи оти надлежните институции задоцниле со мерките за заштита на населението и со утврдувањето на причините за здравствените проблеми кај граѓаните. Според СДСМ, во периодот кога дневно се пријавувале и по околу 200 лица со здравствени тегоби, пет дена немало соодветна реакција од институциите.

„Се задоцнило со реакциите, 22 дена граѓаните на Гостивар пиеле отровна вода со фекалии, дури Центарот за јавно здравје соопштил дека водата е исправна за пиење“, изјави Фрчкоски, пренесувајќи ги наводите содржани во пријавата.

СДСМ обвинува и дека доцнело прогласувањето на епидемијата и дека јавноста навреме не ги добила анализите и извештаите за квалитетот на водата. Партијата наведува дека речиси 5.000 граѓани побарале медицинска помош во текот на кризата.

Од партијата го повикаа Јавното обвинителство да постапи по кривичната пријава и да ги провери наводите и доказите доставени за четворицата пријавени.

Кризата со водата во Гостивар трае повеќе од четири недели. Според последните информации од Главниот штаб за управување со кризи, водата и натаму може да се користи само како техничка, но не и за пиење и подготовка на храна. Министерот Клековски претходно најави дека целосната анализа за водата треба да биде објавена до 20 август.

За случајот веќе се води и истрага против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, како и против двајца раководители во претпријатието. Од Обвинителството претходно посочија дека не се исклучува проширување на истрагата и кон други лица или институции.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?