Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска попладнево во Брисел одржа средба со Вера Јурова, комесар за вредности и транспарентност во Европската комисија. На состанокот се разговараше за потребата од јакнење на демократските вредности и владеењето на правото, како и за напредокот на нашата земја во засилувањето на проактивната транспарентност на институциите и справувањето со корупцијата.
На средбата вицепремиерката Грковска информираше за целите на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој беше воспоставен со цел да вмрежи жени од регионот кои со своето професионално дејствување се пример за одговорност и интегритет. Еврокомесарката Јурова посочи дека ваквите иницијативи се важни, со оглед дека е потребно да се адресира прашањето зошто многу жени го напуштаат јавниот живот, особено тие што се вклучени во политиката, судството, медиумите и невладиниот сектор, поради притисокот од разните форми на родово засновано насилство.
На средбата се разговараше и за потребата да се зајакне младата генерација, особено преку системски промени во образованието, која треба да вградува вистински вредности и да го зголемува интересот на младите за вклучување во општествените процеси. Имајќи ја предвид сличноста на портфолијата на еврокомесарката Јурова и вицепремиерката Грковска, беа договорени чекори за заеднички активности во наредниот период.