Старо-новиот предлог-закон за игри на среќа во Македонија сè повеќе личи на веќе виденото сценарио од Албанија, кое поради корист на поединци, отвори широко врата за нелегалното обложување.
Кога владата на Еди Рама во Албанија во 2018 година помпезно најави целосна забрана на спортските обложувалници и казината, официјалниот наратив беше „крај на лудилото“ и „заштита на семејствата“. Но, тамошната опозиција со години алармираше дека целта е единствено елиминирање на легалната конкуренција за онлајн обложувањето да премине во рацете на братот на премиерот, Олси Рама, за кој постоеше сомнение дека преку својот партнер си обезбедил и 30-годишна концесија за мониторинг на бизнисот со игри на среќа. Во јавноста се сретнуваат коментари дека слично денес се случува и кај нас. Но, за кого се чисти пазарот и кој ќе биде македонскиот „Олси Рама“ кој ќе раководи со овој државен монопол?
Денес во Албанија, вистината излезе на виделина. Самиот Рама јавно призна дека забраната е фијаско и дека мафијата профитирала „на црно“. Поради тоа, Албанија неодамна повторно го легализираше онлајн обложувањето, но овојпат со само 10 ексклузивни лиценци наменети за елитата. Македонската Влада денес свесно го пресликува овој криминален модел.
Лажен морал и подготовка на теренот?
И покрај тоа што владините претставници, предводени од вицепремиерот Изет Меџити, континуирано посочуваат дека затворањето на легалните бизниси се прави исклучиво заради „заштита на младината“, текстот на предлог-законот отвора дилема. Имено, во Член 7 децидно се предвидува воведување на целосен државен монопол врз интернет игрите на среќа. Кај познавачите и домашните приредувачи ова остава впечаток дека зад декларативната грижа всушност се крие намера да се елиминираат 100% регулираните домашни компании, со цел контролата врз пазарот и профитот да се централизира.
Всушност, велат, затворањето на легалните објекти нема да ја спречи играта, туку ќе ја турне во рацете на сивата економија и ќе ја врати во темните подруми на мафијата. Играчите ќе завршат во диви казина и на странски нерегулирани сајтови, без никаква државна контрола и без заштита за малолетниците.
Од асоцијациите на приредувачите на игри на среќа АСОМ и АПИС посочуваат дека додека Европа ги напушта државните монополи и преминува кон слободни пазари, македонската Влада свесно ја криминализира индустријата. Тие упорно алармираат дека овој закон не ги штити граѓаните, туку дека ги жртвува работниците, го празни буџетот и ѝ ја предава државата на подземјето за да се нахранат апетитите на поединци. Тие ги повикаа и пратениците да одлучат: дали ќе застанат во одбрана на 10.000 македонски семејства или ќе бидат директни соучесници во реализацијата на “тиранското сценарио” во Македонија?
