Три години РАЦИН.МК – звучи кратко, а за нас е цела една мала историја

Рацин.мк

Кога го покренавме Рацин.мк, идејата беше едноставна: медиум кој не трча по кликови по секоја цена, туку по вистински, проверени и значајни приказни. Место каде што новинарството не е остаток од минатото, туку алатка за подобро општество. Дигитален медиум со јасен став, критичко размислување и почит кон публиката.

Во овие три години се водиме од неколку вредности што не ги менуваме:

– чесна, проверена и точна информација

– јасен, разбирлив, современ граѓански израз

– критички однос кон неправедноста

– простор за теми што често се туркаат под тепих: работнички права, сиромаштија, дискриминација, корупција, злоупотреба на моќ

– почит кон читателот и неговата интелигенција, без евтини сензации, без навреди

Денес, Рацин.мк привлекува над еден милион посети месечно. Бројка што не ја доживуваме како трофеј, туку како обврска. Обврска да бидеме уште подобри, поупорни и поотворени. Да не молчиме кога е полесно да се сврти глава на страна. Да стоиме на страната на јавниот интерес, а не на дневната политика.

Од срце им се заблагодаруваме на сите што нè читате, споделувате, критикувате, ни пишувате и ни укажувате кога грешиме. Вие сте причината оваа редакција да има смисла и сила да продолжи. Вашето време, доверба и внимание се најголемото „мерење“ на нашата работа.

Продолжуваме и понатаму. Гласни кога треба да се алармира, упорни кога многумина се откажуваат и верни на идејата дека новинарството треба да му служи на јавниот интерес, а не на нечии приватни сметки.

Во годините што доаѓаат, сакаме будењето со Рацин да ви стане навика. Да го почнувате денот со информација што ви буди интерес, ве предизвикува да размислите, да прашате, да реагирате. Да знаете дека некој е тука да ги состави вестите, контекстот и фактите во една целина што има смисла за вас и вашето секојдневие.

Рацин.мк ви благодари. Останете со нас. Нема да биде лесно, но мора да биде подобро.

Зачлени се на нашиот е-билтен