Филипче: Реформи во правосудството не значат нова партизација, мора да има консензус по тоа прашање

Лидерот на СДСМ Венко Филипче излезе со реакција на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.

-Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, објави Филипче на неговата Фејсбук страница.

Тој наведува дека СДСМ бара следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието.

-Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чувствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери, напиша Филипче на Фејсбук. 

Зачлени се на нашиот е-билтен