Германија ќе обезбеди дополнителни 50 милиони евра (51 милион долари) хуманитарна помош за Сирија, изјави денеска министерката за надворешни работи Аналена Бербок на маргините на меѓународната конференција во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Парите, кои треба да бидат исплатени на Светската програма за храна на ОН и разни невладини организации, треба да се искористат за храна, итни засолништа и медицинска нега, рече таа.
Бербок разговараше и за изгледите за олеснување на некои санкции против Сирија, јави ДПА.
– Ќе мора да се задржат санкциите против членовите на режимот на соборениот поранешен сириски владетел Башар ал Асад, кои извршија сериозни злосторства за време на граѓанската војна, рече таа.
Но, германската влада предлага „паметен пристап“ на Европската унија за брзо да го поддржи сириското население, осигурувајќи дека ќе има храна за јадење и повеќе електрична енергија секој ден за да може да почне реконструкцијата, рече таа.
– Сето ова промовира стабилност и обезбедува мирен трансфер на власта, рече Бербок.
Покрај Бербок, учесници на конференцијата се и министрите за надворешни работи на арапските држави, сирискиот министер за надворешни работи Асаад ал-Шибани, шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас.