Лигњата што беше вљубен во сонцето

Предупредување: Секоја сличност со актуелни ликови и настани е сосема случајна.

Еднаш имаше една лигња што се вљуби во сонцето. Тој беше чудна лигња уште од неговото раѓање – едното око му беше насочено во чудна насока, а едното пипало му беше малку деформирано. Заради тоа сите други лигњи го исмеваа. Плукаа кон него со млазници мастило и му се смееја додека пливаа. По некое време лигњата се откажа од нив и продолжи да си плива сам. Најчесто пливаше во близина на површината на водата, гледајќи нагоре – и тогаш го виде сонцето. Сонцето му изгледаше како најголемата работа на светот. Едноставно е толку убаво, помисли тој. И тој ги испружи пипалата и се обидуваше да го фати. Но, сонцето секогаш беше недостапно.

Што правиш? Го праша една од лигњите. Ништо, ќе речеше лигњата. Само се обидувам да го допрам сонцето. Боже, ти си таков идиот, рече другата лигња. Зошто го велиш тоа? Праша лигњата. Зашто сонцето е превисоко, му рече другата. Никогаш нема да го достигнеш. Ќе го достигнам некогаш, одговори лигњата.

И додека другите лигњи се смееја, лигњата што сакаше да го допре сонцето продолжи да се обидува. Не се откажа – посегнуваше, се истегнуваше, и повторно посегнуваше. И тогаш, еден ден, виде една риба како скокна од водата. Треба да се обидам да скокнам, си рече тој.

И така лигњата почна да вежба да скока за да стигне до сонцето. Отпрвин, тој не можеше да скокне многу високо. Ќе отскокнеше малку од површината на водата, а потоа повторно паѓаше во морето. Но, тој продолжуваше да се обидува. Сѐ повеќе и повеќе секој ден. Со текот на времето, лигњата можеше да скокне прилично високо. Можеше да направи скок од 3 метри или повеќе над водата. Ќе земеше многу воздух и потоа ќе скокнеше и мавташе со сите пипала. Но, без разлика колку високо и колку далеку ќе скокнеше, лигњата никогаш не можеше сосема да стигне до сонцето.

Навистина си глупава лигња! Му рече другата лигња. Навистина стануваш поглупав и поглупав.

Лигњата не можеше да разбере како тоа што го прави е глупаво. Но, вистина беше дека тој не беше поблиску до својата цел да го допре сонцето. Еден ден, за време од еден од неговите скокови виде птица како пролета покрај него. Крилја! Ми требаат крилја! – си рече лигњата.

Речено, сторено и лигњата почна да си прави крилја. Дури направи и некои истражувања за различни видови материјали. Најде некои антички книги во потонатиот брод, а ги читаше и оние за металургијата и аеронаутиката. После некое време лигњата си направи крилја. Беа направени од супер лесен материјал со многу висока цврстина и со способност за истегнување. (Требаше да изгради мала топилница за да ги направи.) Изгледа дека овие крилја се подготвени да летаат, рече лигњата. И тој скокна од водата. Мавташе и мавташе, и полета. Се издигна над облаците и мавташе понатаму. Успеав! – рече лигњата. Погледна кон сонцето. Доаѓам, доаѓам! Викна тој. Но, тогаш нешто се случи – неговите крилја престанаа да мавтаат. Толку високо воздухот беше премногу редок. Уф, рече лигњата и почна да паѓа. Падна во морето. За среќа, не беше повреден. Крилата му се скршија. И, се разбира, другите лигњи повторно го исмеваа. Дали оваа лигња ќе сфати некогаш? Рекоа тие. Но, нашата лигња повеќе не ги ни забележуваше.

Почна да размислува за една идеја што му проблесна во моментот кога почна да паѓа од надворешната граница на атмосферата. Она што ми треба е меѓупланетарен вселенски брод, рече тој. Го проучи распоредот на Сончевиот систем и огромните вселенски растојанија. Се разбира, изградбата на меѓупланетарен вселенски брод беше комплицирана – многу посложена работа од од правењето крија. Но, лигњата не се обесхрабри. Ако ништо друго, беше возбуден. Добро е да се има цел, си рече тој.

И така лигњата почна да дизајнира вселенски брод. Знаеше дека телото на бродот треба да биде лесно. Па израсна и живееше во вода. Погонскиот систем беше предизвик. Мораше да помине околу 200 милиони километри. Ќе ми треба многу брзина, рече тој. На почетокот, лигњата дизајнираше атомски реактор. Но, се покажа дека тоа нема да обезбеди доволно енергија. Беше премногу тежок. Треба да ја искористам темната материја и енергија што произлегува неа, си рече тој. И така лигњата го дизајнираше и изгради првиот реактор за темна материја. Потроши многу време и патем направи околу 1000 научни откритија. Кога заврши си рече, во ред ова би требало да биде доволно брзо.

И конечно, еден ден, меѓупланетарниот вселенски брод на лигњата беше изграден и подготвен за полетување. Лигњата ја стави кацигата и се качи внатре. Притисна едно копче и полета надвор од атмосферата. Се оттргна од орбитата на Земјата и помина покрај Месечината, помина покрај Венера и забрза кон Меркур. Таму, во неговата командна фотелја, лигњата зјапаше во сонцето додека тоа растеше пред него на екранот. Доаѓам, доаѓам, мое прекрасно Сонце! Извика лигњата. Конечно ќе те прегрнам, после толку време!

Но, како што се приближуваше, почна да се случува нешто чудно – нешто што лигњата не го предвиде. Бродот почна да се загрева. Стануваше сè потопло и уште потопло. Зошто е толку жешко? – се запраша лигњата.

Се чинеше дека лигњата покрај сите науки што ги стекна, не знаеше ништо за сонцето. Тој дури и не знаеше што е тоа. Тоа отсекогаш беше само симбол за него – апстракција што пополнуваше дупка во неговиот живот. Тој никогаш не сфати дека тоа е голема огнена топка. Сѐ до овој момент. Сега конечно му осамна вистината. Тоа нешто ќе ме убие! Си рече лигњата.

Силно притисна на сопирачките, но бродот само продолжи. Го стави погонот на моторите во рикверц, а тие зашкрипеа и „запискотеа“, но сепак бродот продолжи да се движи сѐ поблиску и поблиску до сонцето. Заглавен сум во гравитацијата на сонцето! Сфати лигњата.

Набрзина направи некои пресметки и сфати дека е изгубен. Дури и со сите мотори напрегнати до крајна граница, тој имаше само неколку часа живот.

И додека седеше на столот, чекајќи да умре, почна да се случува нешто уште полошо. Лигњата почна да го преживува и да размислува за својот живот. О, боже, рече тој. Навистина сум бил идиот!

Одеднаш сè беше болно јасно: сè што направи, целата негова работа беше за џабе. Јас сум морон, рече тој. Го потрошив целиот мој живот. Тоа не е точно, ти ме изгради мене, рече неговиот Хал 9000 на бродот.

И лигњата размислуваше за тоа во наредните неколку мига, и сфати дека бродот е во право. Но, и вие ќе бидете уништени, рече тој. Да, рече бродот. Но, јас имам предавател. Ако работиме брзо, барем знаењето може да се спаси.

Лигњата навистина почна да работи како никогаш порано – трескавично, додека паѓаше кон сонцето. Го испиша целото свое знаење, неговите равенки и теореми, го разјасни функционирањето на сè што направил. Во миговите што останаа, лигњата отиде уште подалеку. Се втурна во другите сфери на мислата. Ја истражуваше биологијата, психологијата, етиката, медицината и архитектурата и уметноста. Направи големи скокови, ги надмина границите. Како целиот негов ум да оживеа во тој момент и направи нашто што никогаш никој не ја направил. И во последната секунда, пред неговиот брод да биде уништен, а тој самиот да биде целосно уништен, бродот сето тоа го емитуваше во вселената.

Знаењето на лигњата отплови низ темнината, забрзано се врати назад кон Земјата. Но, се разбира, кога стигна таму, другите лигњи не го примија, бидејќи беа премногу глупави за да изградат градат радио приемници.

Приказната ќе завршеше таму, со тажната и осамена смрт на лигњата, но за среќа, радио сигналите продолжија да се движат. Поминаа покрај Земјата, покрај Марс и астероидниот појас, покрај Јупитер и покрај сите други планети. Продолжија надвор од Сончевиот систем низ темнината на вселената. Се движеа низ празнината и низ други галаксии. Уште милијарди години. И, конечно, еден ден стигнаа до една мала вонземска цивилизација. До една мала осамена планета, сосема сама во најтемниот крај на вселената. И таа вонземска цивилизација ги декодираше тие сигнали. Ги испитаа и ги примија од сѐ срце. Почнаа да размислуваат, почнаа да градат и го променија целиот начин на живот. Изградија светли прекрасни градови; изградија болници и училишта и паркови. Ги уништија сите болести и престанаа да прават војни. А потоа ги свртеа очите кон вселената. Полетаа и се раширија низ целиот универзум, помагајќи им на сите, без разлика колку се различни или колку далеку. А нивните вселенски бродови беа златни и украсени со ликот на лигњата што им зборуваше од зад ѕвездите.

***

Од збирката раскази на Бен Лури „Tales of Falling and Flying“ (Penguin, 2017)

Приредил Зоран БОЈАРОВСКИ

Треба да знаете
Moже да ве интересира