Новиот грузиски претседател: Грузија ќе стане членка на ЕУ до 2030

Новиот грузиски претседател Михаил Кавелашвили во своето прво обраќање по преземањето на функцијата изјави дека Грузија ќе го продолжи својот пат кон пристапување во ЕУ.
„Ние се стремиме да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година, бидејќи тоа е цивилизиран избор на нашиот народ што е втемелен во нашиот Устав“, нагласи Кавелашвили.
Кавелашвили рече дека до 2028 година Грузија ќе исполни повеќе од 90 отсто од условите од Договорот за асоцијација склучен со ЕУ во 2014 година. Тој ја потврди и подготвеноста на Тбилиси да преговара со Брисел за членството на земјата во ЕУ во секое време, доколку Унијата понуди таков предлог.

На 14 декември грузискиот парламент го избра Кавелашвили за нов претседател на земјата. Тој беше кандидат на владејачката партија Грузиски сон и доби 224 гласа од вкупно 300. Кавелашвили официјално ја презеде функцијата вчера.

Опозицијата организираше протест во Тбилиси ден пред неговата инаугурација.

Зачлени се на нашиот е-билтен