Безживотните тела на осум лица, меѓу кои и мало дете, биле извлечени од морскиот дел во близина на грчкиот остров Родос, откако се превртел глисер со мигранти во обид криумчарот да побегне од патролен брод, а лицата кои се превезувале паднале во море, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од крајбрежната служба на Грција, спасени се 18 лица, а несреќата се случила кога лицето кое управувало со глисерот изгубило контрола откако со опасни маневри се обидело да побегне од патролен брод, што резултирало бегалците и мигрантите да паднат во море.
Спасувачката акција на службата е во тек со три патролни брода, а од воздух учествува хеликоптер на военото воздухопловство.
Министерот за поморство и островска политика на Грција Христос Стилианидис изрази жалење за загинатите и посочи дека, за жал, уште еднаш, „безмилосната мрежа на криумчари пред нивниот нелегален профит, ги жртвуваше животите на осум граѓани, меѓу кои и едно мало дете“.
„Пред неколку дена го кажав истото при сличната трагедија кај Самос. Ќе кажам и денеска. Целта на Министерството, на крајбрежната служба и лично моја е да се стави крај на оваа ужасна мрежа на криумчари. Ова е нешто за кое не може да се преговара. Нашата одлука е еднаш засекогаш да се справиме со големиот проблем на илегалната имиграција која ги надминува границите на издржливост на Европската унија. И ние ќе се соочиме со тоа“, порача Стилианидис во писмената изјава.
На крајот од минатиот месец во близина на островот Самос, повторно во бродска несреќа животот го загубија шест деца и две жени.