„Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е потврда за се што СДСМ зборува изминатите месеци. ВМРО-ДПМНЕ не се интересира за правда – тие сакаат судство кое ќе ги амнестира нивните криминалци, а ќе ги прогонува сите што се спротивставуваат на нивниот режим. Јасна е намерата на оваа власт – комплетна партизација и враќање на „Сваровски судството кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“ соопштија од СДСМ.
Од партијата велат дека со месеци предупредуваат и „ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на Мицкоски и неговата партија да ја уништат независноста на судството. Како што беше во времето на Груевски, така и денес, ВМРО-ДПМНЕ сака судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви“.
СДСМ ги повикува сите граѓани, независни експерти, правосудни работници и граѓански организации да застанат цврсто против оваа узурпација. Ова е момент кога сите заедно мора да покажеме дека правдата не смее да биде злоупотребена, дека судството не смее да биде алатка во рацете на ниту една политичка партија“ е ставот на партијата.
Децидни се дека „Македонија мора да оди напред, кон независен, транспарентен и професионален правосуден систем кој ќе им служи на граѓаните“.