Што е индуцирана атмосферска вибрација, редок феномен кој создаде хаос во Шпанија, Португалија

Милиони луѓе низ Шпанија и Португалија денес останаа без електрична енергија поради редок атмосферски феномен познат како индуцирана атмосферска вибрација. Според операторот на португалската електроенергетска мрежа REN (Rede Eléctrica Nacional), екстремните температурни промени во внатрешноста на Шпанија предизвикале ретки осцилации на високонапонските далноводи од 400 kV, што довело до нарушување на синхронизацијата во европската електроенергетска мрежа.

Што е индуцирана атмосферска вибрација?

Индуцираните атмосферски вибрации се јавуваат кога ветерот или ненадејните промени на температурата предизвикуваат осцилации во високонапонските водови. Ако фреквенцијата на овие осцилации се совпаѓа со природната фреквенција на проводникот, може да се појави резонанца, што резултира со зголемени вибрации. Овие вибрации можат да предизвикаат механички оштетувања или нарушувања во преносот на електрична енергија.

Ризиците што големите варијации на атмосферските температури ги претставуваат за енергетските системи се добро познати во индустријата, иако проблеми од ваков обем ретко се јавуваат.

„Поради промените на температурата, параметрите на проводниците малку се менуваат“, рече Тако Енгелаар, директор на „Неара“, која обезбедува софтверски услуги за енергетски компании, додавајќи: „Ова создава нерамнотежа во фреквенцијата“.

Георг Закман, виш соработник во тинк-тенкот „Бругел“ во Брисел, рече дека системот претрпел „каскадни прекини на електричната енергија“, вклучувајќи еден во Франција, кога фреквенцијата на мрежата паднала под европскиот стандард од 50 херци.

Последици за електричната мрежа

Осцилациите предизвикаа нарушувања во синхронизацијата меѓу енергетските системи, што доведе до каскадни дефекти во меѓусебно поврзаната европска мрежа.

Имаше прекини на електричната енергија во Шпанија и Португалија, а погодени беа и делови од јужна Франција. Јавниот превоз и семафорите беа суспендирани во Мадрид, додека метро станиците беа затворени во Лисабон.

„Не е хакерски напад“

Шпанските власти ја исклучија можноста за сајбер напад, а владите на двете земји одржаа кризни состаноци. Стабилизацијата на мрежата може да потрае и до неколку дена.

Еден од најпознатите примери на деструктивна резонанца предизвикана од атмосферски влијанија се случил во 1940 година во државата Вашингтон, кога мостот Такома Нароус се урна под налетите на ветер.

Релативно слабиот ветер предизвикал осцилации што се совпаѓале со природната фреквенција на мостот, што довело до прогресивно засилување на вибрациите и на крајот колапс на структурата. Инцидентот подоцна послужи како класичен пример за важноста на земањето предвид на аеродинамичните ефекти при дизајнирање на големи инфраструктурни објекти.

Зачлени се на нашиот е-билтен