Високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, преку медиумите ја убедуваат јавноста дека Владата, функционира одлично, дека го има мнозинството во Собранието и дека ќе продолжи така. Од друга страна албанскиот партнер Вреди не мисли како нив. Пратеникот Халил Снопче, од Алијансата на Албанците предводена од Арбен Таравари денеска посочи дека како партија се отворени за сите опции, дека Алијансата на Албанците може да биде и опозиција, но, нагласи, ‘доколку тие се надвор од Владата, тоа ќе значи потреба од нови парламентарни избори’.
„Таа Влада ќе биде нестабилна со само девет албански претставници“, рече тој.
Снопче посочи дека нивни претставници не биле поканети на вчерашниот состанок на коалицијата „Вреди“ и затоа не му се познати одлуките што биле донесени на средбата.
„Немам официјална информација од службите на Собранието, дали тие девет пратеници побарале посебна пратеничка група. Доколку тоа е вистина, тоа имплицира дека Алијансата на Албанците останува со пет пратеници“, рече Снопче.

Дополни дека се уште е координатор на пратеничката група на „Вреди“ од 14 пратеници, бидејќи засега нема формирано нова пратеничка група.
„Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници“, рече тој.
И додека Снопче смета дека сеуште е координатор на пратеничката група на Вреди, во јавноста неофицијално се шпекулра дека Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на Вреди со која досега раководеше Халил Сопче од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари.
Со тоа расколот во Вреди на некој начин веќе се рефлектира и во Собранието бидејќи очекувањата се дека ќе се формира нова пратеничка група на АА на Таравари.
По денешната изјава на пратеникот од АА, Халил Снопче дека доколку неговата партија е надвор од Владата, тогаш владеачкото мнозинство нема легитимитет и дека потребни се нови избори, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека неофицијално мнозинството е 2/3 и над 80 пратеници.

„Ние неколкупати сме кажале дека мнозинството неофицијално брои две-третини односно над 80 пратеници. Јас ве уверувам дека и покрај таа ситуација, доколку стане актуелна се случи, Владата ќе функционира сосема нормално и подобро од претходно. Ние сме подготвени во секој момент на предвремени избори, но таквите нема да ги има заедно со локалните“, рече Стојаноски.
Стојановски смета дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори во секој момент, но, како што рече, до таквите нема да дојде, заедно со локалните избори наесен.
Потпретседателот на ВМРО ДМПНЕ, Александар Николоски, смета дека ако некој верува дека треба да соработува со ДУИ, тоа значи дека треба да оди во опозиција. Тој додаде дека Таравари не е доволно политички наивен за да се обрати на ДУИ во оваа ситуација пред локалните избори.

И Таравари одговараше на оваа тема. Во врска со изјавата на Николоски, рече дека неговата партија има тела кои одлучуваат во кој правец ќе одат.
„Имаме партиски тела, ние сме автономна партија и донесуваме свои одлуки, засега има само една одлука, бидејќи на листата за советници АА излегува сама. За кандидатот за градоначалник, рековме дека сме отворени, особено со ВРЕДИ, ако се спремни. Ако не се спремни, втората опција е ние сами да одиме и ќе видиме за тоа понатаму, изјави Арбен Таравари“, претседател на АА.

Одлуката на Таравари да учествува на локалните избори со посебни листи на советници ги наруши односите со другите 3 партнери на ВРЕДИ. Засега, тој изјави дека на локалните избори ќе бара соработка со сите партии, освен со Левица. Во меѓувреме, се очекува во четврток, 1 мај, да се одржи средба меѓу Таравари и премиерот Мицкоски во врска со неговото останување во владата.