Атлантикот е новиот „автопат за кокаин“, балканските мрежи во центарот

Атлантикот станува нов „автопат за кокаин“ кон Европа, додека меѓународните криминални мрежи ги делат пратките меѓу големи бродови, едрилици, полуподморници и брзи глисери. Во авторска анализа, Пауло Даниел Дијас предупредува дека португалскиот брег и Азорските Острови се претвораат во чувствителна точка на маршрутата што почнува во Латинска Америка.

Најголемата промена не е само во количеството запленета дрога, туку во начинот на нејзиниот транспорт. Голем брод може да го пренесе кокаинот преку океанот, а потоа товарот на отворено море да биде поделен и префрлен на помали и побрзи пловила.

Со ваквата поделба криминалните организации го намалуваат ризикот целата пратка да биде изгубена во една полициска акција. Глисерот пресретнат во близина на брегот може да биде само последната видлива алка од операција започната илјадници километри подалеку.

Европол веќе укажува на зголемената употреба на некомерцијални пловила и претовар на отворено море. На тој начин криминалните мрежи ја намалуваат зависноста од големите европски пристаништа, каде што контролите стануваат построги.

Посебно внимание привлекуваат мрежите со потекло од Западен Балкан, меѓу кои црногорски, српски и албански структури. Дијас нагласува дека не постои единствена централизирана „балканска мафија“, туку повеќе организации што соработуваат со јужноамерикански добавувачи, поморски оператори, финансиери и европски дистрибутери.

Во една европска истрага, која опфати повеќе држави од Европа и Јужна Америка, во Шпанија беа запленети 2,7 тони кокаин пренесуван со товарен брод. Истрагата открила мрежа со поделени улоги, меѓународни координатори и логистички капацитет што бил значително поголем од активностите на непосредните превозници.

Португалските власти уште во 2018 година пресретнале едрилица со 840 килограми кокаин, чиј екипаж го сочинувале државјани на Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Неколку години подоцна, во операцијата „Флорида“, биле пресретнати две едрилици со вкупно околу 1,4 тони кокаин, поврзани со организација претежно од црногорско потекло.

Размерите на новиот модел се гледаат и во поновите акции. Во јануари 2026 година португалските власти запленија речиси девет тони кокаин од полуподморница пресретната во близина на Азорските Острови. Во јули беа запленети уште околу 2,6 тони кокаин од брзо пловило во близина на португалскиот брег.

Според анализата, зад една ваква пратка може да стојат повеќе групи од различни држави. Една мрежа го финансира товарот, друга обезбедува контакти во Латинска Америка, трета го организира транспортот, а четврта ја презема дистрибуцијата во Европа.

Пауло Даниел Дијас е докторанд по меѓународни односи и поранешен раководител на Одделението за информирање на Поморската полиција на Португалија.

Текстот е авторска колумна, а ставовите изнесени во неа му припаѓаат на авторот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?