Еве како Црна Гора ги решава билатералните прашања со Хрватска: Отворено, континуирано и со добронамерен дијалог

Црна Гора

Во соопштението до јавноста Министерството за надворешни работи на Црна Гора се истакнува дека внимателно го разгледале денешното соопштение на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска и во него ја препознава потврдата за заедничкиот интерес за успешно завршување на европскиот пат на Црна Гора.

„Нашата заложба останува непроменета – сите отворени билатерални прашања треба да се решат преку отворен, континуиран и добронамерен дијалог, во духот на меѓусебно почитување и партнерство што го споделуваме како соседни земји, сојузници во НАТО и, убедени сме, наскоро како две членки на Европската Унија“, порачуваат од МНР на Црна Гора.

Црна Гора, се нагласува, останува посветена на наоѓање одржливи и меѓусебно прифатливи решенија за сите отворени прашања. „Сметаме дека непосредниот и суштински дијалог е најдобриот начин за пристап кон гледиштата, отстранување на сомнежите и понатамошно зајакнување на меѓусебната доверба и соработка“.

Во соопштението потсетуваат дека во претходниот период биле решени неколку прашања што изгледаа како отворени, додека во однос на преостанатите, биле постигнати позитивни поместувања или беа воспоставени соодветни институционални механизми за продолжување на работата.

Беше потпишан Договорот за донација на недвижен имот – Културниот центар „Јосип Марковиќ“ во Доња Ластва, беше обновена работата на Меѓувладиниот мешовит комитет за заштита на националните малцинства и беа преземени други специфични активности насочени кон зачувување на идентитетот и подобрување на положбата на хрватската заедница во Црна Гора. Исто така, беше интензивирана работата на надлежните институции во областите на исчезнатите лица, обработката на воените злосторства, државната граница и училишниот брод „Јадран“.

Црна Гора, се потенцира во соопштението на МНР во Подгорица, останува доследно посветена на расветлување на судбината на сите исчезнати лица од територијата на поранешна Југославија, утврдување на индивидуална одговорност за воените злосторства, заштита на правата на сите жртви и одговорно справување со минатото. Најновиот извештај на обвинителот на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови потврдува дека соработката помеѓу Механизмот и Специјалното државно обвинителство на Црна Гора дава конкретни резултати. Веруваме дека сите земји од поранешна СФРЈ ќе продолжат да ја подобруваат судската соработка и заедничките напори насочени кон расветлување на судбината на исчезнатите, гонење на одговорните и остварување на правата на сите жртви од територијата на поранешна Југославија.

Кога станува збор за поединечни судски и обвинителски постапки, Црна Гора останува цврсто посветена на владеењето на правото, поделбата на властите и независноста на судството како фундаментални демократски вредности. Владата на Црна Гора не може да влијае на динамиката или исходот од конкретните постапки, но останува посветена на обезбедување најдобри услови за ефикасна работа на судските органи.

Прашањето за државната граница е отворено повеќе од три децении и неговото решавање бара темелна подготовка и одговорен дијалог, посочува црногорската страна.

„Како земја која во односите со своите соседи ги решила или јасно ги уредила повеќето гранични прашања што произлегоа од распадот на поранешна Југославија, Црна Гора останува цврсто посветена на решавање на преостанатите прашања преку дијалог, во добра волја и со целосно почитување на легитимните интереси на двете земји. До постигнувањето конечно решение, Протоколот за привремен режим долж јужната граница се применува без проблеми веќе 24 години, што Црна Гора и Република Хрватска заеднички го забележаа во неколку наврати“, се укажува во соопштението.

По формирањето на надлежната Комисија на 12 март 2026 година, започнаа интензивни подготвителни активности, за што беше информирана хрватската страна. По завршувањето на потребните внатрешни процедури, Министерството за надворешни работи на Црна Гора ќе предложи одржување на првиот состанок на надлежните органи на двете земји, по 12 години без дискусии на оваа тема.

На прашањето за училишниот брод „Јадран“ се пристапува со еднакво внимание, со подготвеност за понатамошно интензивирање на дискусиите на оваа тема, порачува МНР на Црна Гора.

Со желба за зачувување на континуитетот на политичкиот дијалог и понатамошно интензивирање на соработката, Министерството за надворешни работи на Црна Гора предложи одржување на третата рунда билатерални политички консултации во Подгорица, до крајот на август 2026 година.

Најчитано