Ново училиште во Турција ќе го носи името на Македонија, а училниците на македонските градови поради солидарноста по земјотресите

Во турскиот град Малатија, кој беше погоден од катастрофалниот земјотрес во февруари годинава, се гради училиште кое ќе го носи името на Северна Македонија, а 32-те училници ќе ги носат имињата на македонските градови. Училиштето се гради со помош на хуманитарните средства што ги собра Црвениот Крст по земјотресите кои ги погодија Турција и Сирија. Во акцијата, собрана е донација на парични средства во вкупен износ од 63.380.807 денари, односно над еден милион евра.

Како што соопштија од Црвениот Крст, од вкупно 63 милиони денари, околу 51 милиони денари се намеменети за изградба на новото училиште, а 12 милиони денари се испратени на сметката за Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за помош на настраданото население во Сирија.

– Црвениот крст на Република Северна Македонија по направените преговори со Турската Црвената Полумесечина, на заеднички предлог, одлучи собраните хуманитарни средства во износ од 50.909.796 денари, да се наменат за изградба на училиште во градот Малатија. Новото училиште ќе го носи името на нашата држава, а 32 училници ќе ги носат имињата на градовите на нашата држава. Овој акт ќе остави траен белег и доказ за солидарноста на граѓаните на РСМ кон граѓаните на Република Турција, се вели во соопштението.

Исто така, за текот на градбата на училиштето, јавноста ќе може да се информира на веб-страницата на Црвен Крст.

Треба да знаете
Moже да ве интересира