Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави пакет од 200 милиони евра за Гренланд за време на нејзината посета на островот, кој беше во фокусот на интересот на американскиот претседател Доналд Трамп во последните месеци.
„Европа донесе одлука: да биде поприсутна и ангажирана во Гренланд и Арктикот“, рече таа на прес-конференција во Нуук, главниот град на Гренланд. Денес фон дер Лајен ја завршува дводневната посета на Гренланд, автономна територија што е дел од Данска.
„Гренланд мора да остане со Европа, а не со САД“, повтори фон дер Лајен за време на посетата на островот, пишува Франс Прес.
„На Гренланд му е потребна Европската Унија“
Кризата меѓу САД и нивните европски сојузници избувна претходно оваа година, кога Трамп повторно почна да бара САД да го преземат Гренланд и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила. Дури на 21 јануари, во говорот на Светскиот економски форум во Давос, Трамп изјави дека нема да употреби сила. Тензиите оттогаш се смирија, но тој не се откажа од својата желба САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
Фон дер Лајен се осврна директно на кризата во Нук, иако не го спомена Трамп по име. „Иднината на Гренланд ја одлучуваат луѓето од Гренланд и Данска. Никој друг“, рече таа.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен на истата конференција изјавија дека Гренланд „има потреба од Европската Унија“, но и дека ЕУ „има потреба од Гренланд“. Гренланд треба да ги користи новите европски средства за конкретни развојни проекти, првенствено за подобрување на сателитските капацитети и подобар пристап до интернет на северот и истокот од островот.

