Фон дер Лајен наскоро ќе се сретне со Трамп: Бара конкретен трговски договор

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, но дури откако ќе се создадат услови ЕУ и САД да преговараат за „конкретен трговски договор“.

„Мислам дека имав добар разговор со Трамп, и по телефон и на погребот на папата. Но, важно ми е, ако одам во Белата куќа, да имам подготвен пакет за кој можеме да разговараме“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел, пренесе Политико. Таа додаде дека сака договор кој е „конкретен и взаемно прифатлив“.

Фон дер Лајен и Трамп се согласија при нивната средба во Ватикан минатиот месец дека таа наскоро ќе ја посети САД, иако точниот датум сè уште не е утврден.

Оваа најава доаѓа во време на зголемени трговски тензии меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави. Администрацијата на Трамп неодамна воведе дополнителни царини од 20% на одреден увоз од ЕУ, освен на фармацевтските производи. Остануваат на сила и претходно воведените царини од 10% за остатокот од увозот, како и 25% за автомобилската индустрија и металите.

Овие трговски мерки предизвикаа загриженост во неколку земји-членки на ЕУ, особено во Ирска, каде што, според проценките, би можеле да бидат загрозени од 50.000 до 75.000 работни места доколку ситуацијата дополнително се влоши.

Како одговор, Европската комисија подготви листа на американски производи во вредност од 95 милијарди евра кои би можеле да бидат цел на реципрочни мерки. На списокот се наоѓаат производи од автомобилската индустрија, алкохолни пијалаци, авиони, метални компоненти и агроиндустриски стоки. Покрај тоа, Унијата планира да покрене правна постапка против САД пред Светската трговска организација, обвинувајќи ја администрацијата за кршење на меѓународните трговски правила.

И покрај растечките тензии, претседателот Трамп изјави дека сака повторно да се сретне со фон дер Лајен и ја нарече „фантастична личност“. Тој додаде дека ЕУ е заинтересирана за постигнување трговски договор, но фон дер Лајен останува воздржана, нагласувајќи дека состанокот ќе се реализира само ако има што да се стави на маса за сериозни разговори.

Во очекување на таа средба, се засилуваат дипломатските напори да се избегне трговска ескалација со потенцијални последици за економскиот раст и работните места од двете страни на Атлантикот.

Зачлени се на нашиот е-билтен