Г20 усвоија декларација за војната, Украина незадоволна од формулацијата во текстот

Лидерите на земјите-членки на групата Г20 ја осудија „употребата на сила“ во Украина со цел територијално освојување, но не ја споменаа експлицитно Русија, се вели во декларацијата усвоена на самитот во Њу Делхи, објави Би Би Си.

Кога има војна во Украина, согласно Повелбата на ОН, сите земји мора да се воздржат од прибегнување кон закани или употреба на сила за да се обидат да освојат одредени територии, на штета на територијалниот интегритет и политичкиот суверенитет на која било земја, заклучија претставниците на земјите од Г20.

Но, во текстот експлицитно не се споменува руска „агресија“ во Украина, термин што беше користен во 2022 година за време на претходниот самит на Г20 на Бали.

Тогаш во резолуцијата на Советот за безбедност беше наведено дека „најостро се осудува агресијата извршена врз Украина од страна на Руската Федерација“.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја поздрави оваа формулација на текстот на декларацијата. „Од наша гледна точка ова е многу добра работа“, им рече тој на новинарите.

Во декларацијата особено е нагласен принципот според кој употребата на нуклеарно оружје е „недозволива“, а „праведен мир мора да се заснова врз принципите на Повелбата на Обединетите нации, особено врз принципите на суверенитет и територијален интегритет“, додаде тој, велејќи дека „нападите врз цивилната инфраструктура мора да престанат“.

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека заедничката декларација на земјите-членки на групата Г20 „не е нешто со што треба да се гордееме“, упатувајќи критики што во неа конкретно не ја споменуваат Русија. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Олег Николенко објави скриншот од дел од заедничката декларација.

Некои делови од текстот се прецртани со црвено и коригирани, а овој текст ја одразува украинската позиција дека земјата е жртва на неиспровоцирана руска агресија. „Целосно е јасно дека учеството на украинската страна на состанокот ќе им овозможи на учесниците на Г-20 подобро да ја разберат ситуацијата“, напиша тој на Фејсбук.

И покрај неговото разочарување од целокупниот текст на членките на Г20, Николенко им се заблагодари на сојузниците на Украина кои го завршија својот дел од работата за да ја унапредат позицијата на Украина во декларацијата. „Украина им е благодарна на сите партнери кои се обидоа да внесат похрабра формулација во текстот“.

Индија, домаќинот на самитот на Г-20, се обиде да најде рамнотежа помеѓу нејзиниот традиционален сојуз со Русија, од кој Њу Делхи увезува најголемо количество оружје, и нејзиното членство во „четворката“, на која и припаѓа, заедно со САД, Јапонија и Австралија.

Лидерите на 20-те најмоќни светски економии денеска го започнаа својот годишен самит во Њу Делхи со доделување постојано членство на Африканската унија во обид да ја направат Г20 порепрезентативна. Но, блокот останува длабоко поделен во врска со војната во Украина, при што западните земји се залагаат за остра осуда на Русија и другите кои бараат групата да се фокусира на пошироки економски прашања

Треба да знаете
Moже да ве интересира