Иако 2025 година штотуку започна, германското пензиско осигурување веќе ја објави прелиминарната вредност на просечниот приход. Според нивните податоци, Германците во просек заработуваат 50.493 евра годишно, што значи дека месечната бруто-плата изнесува околу 4.207 евра, пренесува „Феникс“ магазин.
Оваа сума е повисока во однос на пресметаната просечна плата за 2024 година, која изнесувала 45.358 евра. Зголемувањето е резултат на повисоките саатници за одредени категории на работници, како и општото прилагодување на платите.
Пензиите во Германија се пресметуваат врз основа на пензиски поени, чија вредност зависи од просечната плата. Затоа, овие податоци се објавуваат на самиот почеток на годината.
Платите во Германија варираат во зависност од професијата и регионот. На пример, контролорите на летање заработуваат речиси двојно повеќе од просекот, додека највисоките просечни плати се забележани во сојузните држави Хесен, Хамбург и Баварија. Од 1 јули 2025 година, минималните саатници за специјалистите за нега ќе се зголемат на 20,50 евра на час, што одговара на месечна бруто плата од околу 3.476 евра за 39-часовна работна недела.