Лајчак разговараше со Шоле и Ескобар во Њујорк

Претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, разговараше денес во Њујорк со претставниците на Стејт департментот Дерек Шоле и Габриел Ескобар, посочувајќи дека е корисно повторно да се потврди дека тие го делат истото разбирање за ситуацијата на Западен Балкан и дека тие се на иста линија за тоа како да се оди напред, јави дописникот на МИА од Белград.

Лајчак синоќа на платформата Х напиша дека вечерал со „добри пријатели“, советникот на американскиот државен секретар Дерек Шоле и заменикот помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар.

-Секогаш е корисно повторно да се потврди дека делиме исто разбирање за ситуацијата на Западен Балкан и дека сме на иста линија во однос на патот напред, напиша Лајчак.

Лајчак присуствува на 78. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде српската делегација ја предводи претседателот Александар Вучиќ.

Денес, американскиот Стејт департмент ги пофали неуморните напори на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, во преговорите меѓу Косово и Србија, се наведува во одговорот на прашањето на Гласот на Америка (ВОА), во врска со изјавите на премиерот на Косово, Албин Курти, во кои го обвини Лајчак за пристрасност и ставови против Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Треба да знаете
Moже да ве интересира